Протфолио: Александра Јовановска – наша дизајнерка со големи амбиции

23 јуни 2015

Дел од шестото издание на манифестацијата BAFE во Белград беше и нашата млада дизајнерка Александра Јовановска.

Александра Јовановска (28) е родена во Тетово, каде и живее.

Моментално е вработена како асистент на Европскиот универзитет ( Факултет за арт и дизајн ) во Скопје на одделот за графички дизајн.

Како главен моден илустратор и асистент моден дизајнер работела за брендот на македонскиот дизајнер Никола Ефтимов.

Магистрира на Европскиот универзитет-Скопје, факултет за арт и дизајн, насока моден дизајн во 2013 година, на тема “Актот и еротиката во сликарското творештво од XIX и раниот ХХ век-предизвик за создавање на современа модна илустрација, а дипломира на Академија Италиана,исто така насока моден дизајн, на тема „Хип-хопот како контрамодна појава во Република Македонија” под менторство на Доц.м-р Никола Ефтимов. Средно уметничко образование завршува во ДСУПУ Лазар Личеноски-Скопје, насока обликување на текстил и облека.

За време на магистерските и дипломски студии учествува на многубројни групни изложби и ревии во Скопје и Фиренца, како и модни работилници, семинари и предавања од светски дизајнери (предавање од Vivienne Wetwood, Accademia Italiana, Florence, 2008).

Како најдобар студент за време на дипломските студии на Академија Италиана, Скопје, ја добива титулата студент на генерација.

На BAFE се претстави со машка колекција за есен/зима 2016, насловена како P-saurus.

Самиот наслов ја објаснува инспирацијата произлезена од ерата на диносаурусите и современите владеачки фигури.

Видовите на диносауруси, вегетаријанци и месојадни, се карикатурално-метафоричен приказ на денешните лидерски општествени фигури. Вегетаријанските диносауруси, во колекцијата се избрани како симболи на човечкото општество кое е жртва на новонастанатите услови и затоа изумира, односно вегетаријанските диносауруси биле храна за преживување на месојадните диносауруси. Месојадните диносауруси се земени како симболи кои ги претставуваат крвопролевачите и уништувачите на човечката ера.

Земајќи предвид дека денес живееме во свет каде вистинските човечки вредности се имаат заборавено, идејата за претстава на елементи (женски актови) од македонското сликарско творештво, е со цел да се потсетиме на уметноста како област која го обединува човештвото и го движи напред. Односно другата инспиративна подтема – сликарството, е земено како симбол на правилно искреиран свет – спротивен на денешното уништување на светот.

Графичкиот натпис “LOADING” искомбиниран со сликарски актови, преведени во принт на модните елементи (соработка со графичкиот дизајнер Христијан Санев од Македонија) се јавува како спој на минатото и сегашноста, односно со цел да се запрашаме: „ Дали живееме во свет каде нашиот поглед за правилно општетство и култура е закочен (забавен)?”

Во однос на облеката, претставени се седум модни машки урбани изгледи. Подтемите од инспирацијата модно се преведени како рачно сликани принтови на маици, палта, модни додтаоци и панталони. Користена е и patchwork техника во конструкција на облеката, која ја објаснува инспирацијата произлезена од графичкиот натпис “LOADING”. Видливи се и незавршени и уништени рабови, кои пак се моден превод на уништувањето на културното и природно богатство.

Oсновните бои и белите тонови се карактеристичниот колорит во колекцијата.

Колекцијата е наменета за урбани, бунтовни и лица без предрасуди со цврст став, кои имаам експериментален начин на живот со цел да го движат светот напред.

Објавено:
23 јуни 2015
Категорија: 
Портфолио