@pupkovaaa - Декоративна керамика - забава и креативност за сите генерации

15 мај 2020

Неодамна пишувавме за интересни, шарени филџани со кои уживањето во кафето или чајот би било максимално.

Инспирацијата, помеѓу другото, ја пронајдовме и на инстаграм профилот @pupkovaaa, односно Теодора Пупкова, која на оваа социјална мрежи сподели и видео за тоа како ги изработува.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Art & about (@pupkovaaa) onMar 14, 2020 at 5:31am PDT

 

Вниманието ни го привлече тоа што црта со маркери, па сакавме да дознаеме какви се тие маркери и може ли секој да се снајде при изработката:

„Да, користам и маркери, но тоа не се обични фломастери, туку се специфични или специјално наменети за сликање на керамика, порцелан, стакло, дрво и друг матерјал. Во зависност од видот на производот кој што го декорирам, на пример, дали е тоа керамика со или без финален слој на глазура се одредува и видот на боите, четките или маркерите – користам сјајни и мат бои, маркери со различни дебелини на врвот, зависно од тоа дали се тоа контури или поголеми површини за обработка, но најчесто користам четки вклучително и маркери со интегрирани четки. Не се работи за еден бренд туку многу брендови кои се достапни и на домашниот пазар но цените се многу повисоки од било кои други бои што ги користат уметниците. Има едно непишано правило во врска со матерјалите за ваква уметност и дизајн, а тоа е дека колку поголем избор од матерјали поседува дизајнерот толку повеќе творечки можности му се отвораат, а тогаш креативноста нема стеги.

Затоа во целата оваа приказна голема улога игра и финансиската страна. Јас на пример секогаш настојувам да имам многу повеќе матерјали од потребното, значи поголема залиха за сметка на сè останато. Во спротивно не би можела да функционирам. Иако имам уште едно помошно студио кое се наоѓа во предградието, како одминува времето и инетресот за моите дизајни станува сè поголем, така се наметнува и потребата од поголемо работно студио кое би било поблиску до постоечкото. За да може да се сместат повеќе грнчарски колца и печки, повеќе цртачки работни маси и сè она што во моментов му недостига на постоечкото работно студио. Во него е планирана и постојана работилница за деца и возрасни, школо за цртање и галерија за сликари. Како и да е, за негово остварување ќе треба уште време“ објаснува Пупкова.

А за тоа дали деца би можеле на ваков начин да ја развиваат креативноста, ќе рече:

„Секако дека боите за керамика, порцелан и стакло може да ги користи секој затоа што се нетоксични и потполно безбедни, што значи и децата можат да ги користат, иако постојат и матерјали кои пак се наменети само за деца. Тие се мали пакувања со ограничен број на бои што значи и цената е пониска. Не е во прашање само изборот на материјалите за работа, туку целиот процес кој вклучува неколку етапи, па затоа кога се во прашање деца, се препорачува задолжителен надзор од возрасен. Ширум светот, но во поново време и кај нас, постојат работилници кои даваат токму вакви услуги и за поширок медиум, а користат слични матерјали - посочува Теа.

Нејзината приказна пак со керамиката започнува од средношколските денови.

„Иако мојата професионална ориентација е дизајнот а високото образование го заокружив со БА по Моден Дизајн, јас сум исто така и дипломиран Техничар по керамика. Моите први искуства во тој чудесен свет на керамиката датираат од средношколските денови, а се состојат од спектар на изучени сегменти вклучително и целиот проидзводствен процес на предмети од глина. Темелно образование за форма, боја, големина и дизајн на производ, изработка на истиот со користење на изворната техника и грнчарското колце, понатаму процесот на сушење, печење, цртање, сликање на изработениот предмет. Освен калсичната теоретска настава училишната програма во голем дел се состоеше од практична работа како и низа проекти кои беа вовед во бизнисот со керамика“, вели таа.

Својата љубов и креативност ја крунисува со свое студио, каде ја изразува на најразлични начини и преку различни производи - декоративни чинии за на ѕид, катни чинии за десерти, саксии, вазни... но сепак, во последно време најмногу внимание предизвика со филџаните и комплетите за чај.

„Сите мои живеалишта се одликувале со овој печат. Било да се работи за предмети за послужување или декор, секогаш сум била опкружена со свои дизајни и креации. Долго време пред да се одлучам на овој чекор и да имам свое студио „ Art & About", бев многу активен учесник на скоро сите збиднувања во градот како што се поп-ап или базар продажбите, бројни работилници, изложби и други настани поврзани со моето творење. Освен рачно декорираните предмети, има голем избор на производи со мои дизајни направени во повеќе техники меѓу кои и дигитално цртање / цртачки таблет. Сите мои дела овозможуваат да бидат испечатени на хартија и се продаваат како врамени принтови или без рамка, исто така со помош на најсовремена техника е овозможено печатење на истите на керамички и порцелански чаши, на метални термоси, на текстил како маици, блузони, шопинг торби, перници... Поголем број од продадените предмети се всушност по нарачка затоа што како и во секој друг простор и во моето студио иако тоа не е баш мало, сепак е ограничено изложувањето и не може да ги собере сите дизајни на сите видови продукти. Затоа ако на пример ви се допадне дизајнот и декорот насликан на еден висок чајник на пример а препочитате да биде во сет со филџани, чаши, вазна или друго, можете да го нарачате и да го добиете за 2-3 дена... Особено задоволство е да се работат вакви нарачки затоа што тоа е уште една потврда дека е постигната примарната цел – да се исполнат и мотивите на творецот на таа уникатност и желбата на клиентот како имател на тој дизајн“, објаснува Теа.

На крајот, нè интересираше дали цртежот создаден со маркери на керамика има рок на траење, односно се случува ли да избледи:

„Сите матерјали што се користат за цртање и сликање на керамика, порцелан и стакло, мора да се фиксираат со печење за да бидат трајни. Процесот од бланко продукт до финален дизајн трае во просек 24 - 48 часа, затоа што дизајнот прво се суши одреден број часови, а колку долго - зависи од видот на боите, па дури потоа се пече - како или на која температура, колку долго, како и уште неколку детали со што трајно се фиксира. Вака изработените дизајни генерлно не бледеат, но многу е битно како се одржуваат. Јас секогаш го потенцирам тоа, без разлика дали се работи за редовен клиент или некој кој за прв пат купува од моето студио. Сите рачно насликани предмети не смеат да се мијат во машина за садови, ниту пак да се користат во микровална печка. Дозволено е само рачно миење на иститите без употреба на абразивни средства или без користење на рапавата страна на обичниот сунѓер за миење садови. Впрочем сите продукти кои јас ги декорирам се наменети за чај, кафе или десерти кои не оставаат нечистотија што не би можела да се отстрани ако се исплакнат со млака вода и течен детергент“, потенцира креативката.

 

Објавено:
15 мај 2020
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
883 пати
Тагови: 
Теа Пупкова