Рок ѕвездата меѓу дизајнерите-Ентони Вакарело

25 април 2016

Под крилото на Лагерфелд и Фенди, од креатор што се специјалиризаше за дизајнирање со крзна, до креативен директор во Версус Версаче, Ентони Вакарело, кој меѓу другото, денес е креативен директор во Сан Лоран, е еден од предводниците на модерната мода. Тој за мене е футуристичкиот Микеланџело.

Вакарело најпрво студирал право, но подоцна се запишал да ја изучува скулптурната уметност во Ла Шамбр (Белгиска школа за визуелен дизајн и архитектура). Неговата модна кариера, своите почетоци ги бележи во модната куќа Фенди, каде под менторство на Лагерфелд, се специјализирал во дизајнирањето со крзно. Подоцна, започнал самостојно да работи, дизајнирајќи под своето име, а неговата кариера го достигнала врвот кога ја креирал капсулната колекцијата за модната куќа Версаче.
Неговите дизајни го прават модерниот Микеланџело. Тој го глорифицира телото на жената и го истакнува нејзиниот сексапил на досега невиден начин. Правејќи ја божица на огнот, девојката на Вакарело е под влијание на рокерскиот, дивиот и гол концепт, но обвиткан со нота на елеганција.

Ѕвездените детали, високите шлицови на неочекувани места, пресеците, додадените видливи копчиња и ремените ја прават неговата работа препознатлива, но истовремено нескротлива. Токму тоа е зборот со што би го опишала неговиот талент-нескротлив. Најчесто користејќи ги основните тонови: бело и црно, Вакарело создава една модерна девојка од Дивиот Запад која емигрирала во Холивуд. Диво и секси.

Нешто што Боуви би го одобрил, нешто зад кои стои поддршката на Донатела, Вакарело е дефинитивно рок ѕвездата меѓу дизајнерите, односно помеѓу помладата генерација. И иако тешко ја поднесувам смената на креативните директори и сметам дека Eди Слиман беше тој што го дефинираше Сан Лоран низа долги години, сепак кога веќе смената била потребна, мислам дека Вакарело е идеалниот избор. Новата модна куќа за неговите дизајни би била совршена, бидејќи се вклопува токму во таа негова рокерска и шик слика. Едвај чекам да ја видам неговата следна колекција, сега зад името на Сан Лоран.

 

Автор: Елеонора Гоцевска, студент на Универзитетот „Гоце Делчев", Правен факултет (насока новинарство)

Објавено:
25 април 2016
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
83 пати