Среќен роденден Џорџо Армани: 10 работи што мора да ги знаете за маестралниот дизајнер!

11 јули 2014

Големиот италијански дизајнер Џорџо Армани денеска го слави неговиот 80 – ти роденден, по тој повод решивме да се потсетиме на 10 – те најинтересни работи од биографијата на маестралниот дизајнер.

1. Откако ја прочитал „The Citadel“ на големиот Арчибалд Кронин, младиот Армани решил дека сака да стане доктор и се запишал на медицински факултет во Милано. Подоцна, тој ги напуштил студиите и се придружил на војската и бил испратен да служи во Верона. Неколку години подоцна, тој сфатил дека сака радикално да го промени она со што дотогаш се занимавал.

2. Првиот чекор што го направил Армани во светот на модата е неговиот ангажман како стилист на излози во продавницата La Rinascente, по што се префрлил да работи на поодговорна функција во модниот бренд Нино Черути каде останал од 1964 до 1970 година. Во 1975 – тата година Армани заедно со неговиот партнер Серџо Галеоти тој го основа брендот „Армани“ и до 2001 година, тој веќе беше прогласен за најдобриот дизајнер со потекло од магичната Италија.

3. Армани е неверојатен ментор кој голем дел од своето време го поминува во подучување на млади и надежни италијански дизајнери. Во 2013 година тој ја лансираше и програмата за поддршка на млади таленти кои подоцна, беа претставувани и како дел од неговите големи модни шоуа. Неговиот нов надежен ученик Кристијан Пелитстазари ќе прикаже дел од својата работа на шоуто на Армани овој септември.

4. Џорџо Армани беше првиот дизајнер од светот на високата мода, кој го пренесуваше своето шоу Armani Privѐ пролет – лето 2007 во живо. Шест години подоцна, Фенди го стори истото.

5. 80 – годишниот дизајнер е голем фан на спортот. Тој е претседател на Олимпискиот тим на Милано и страстен обожавател на Интер. Исто така, тој е и голем фан на англискиот фудбал, а тоа го докажа и со тоа што ги креираше ВИП ложите на стадионот „Стемфорд Бриџ“.

6. Армани е многу близок пријател со украинскиот фудбалер Андриj Шевченко, а токму тој се појави и како модел на едно од неговите шоуа, а дури и отвори два бутика во Киев заедно со дизајнерот.

7. Џорџо Армани креираше и одлични униформи за италијанскиот тим што се појави на Олимписките игри во Лондон во 2012. Истото беше случај и со Олимпијадата во Сочи каде спортистите од италијанскиот тим покрај дресовите од Армани, носеа и часовници дизајнирани од него.

8. Армани е и голем обожавател на филмовите, а омилен режисер му е Мартин Скорсезе. Во 1990 година, Скорсезе сними и документарец за Армани со наслов „Made in Milan“ кој говори за делото и животот на дизајнерот.

9. Армани многу често дизајнира и костими за филм. Неговото последно маестрално остварување беа костимите за актерите во филмот на Скорсезе „Волкот од Вол Стрит“ во кој Леонардо ди Каприо се појави во совршено скроени костими од брендот. Освен за овој, Армани креираше и костими за „The Dark Knight“, „Inglorious Bastards“ и „Ocean’s Thirteen“.

10. Во 2000, Музејот „Guggenheim“ во Њујорк беше домаќин на ретроспективната изложба целосно посветена на живата легенда, а истата беше посетена од околу 29.000 луѓе во само една недела.

Објавено:
11 јули 2014
Категорија: 
Портфолио