Стела Жан е ново дизајнерско име кое треба да го запомните

29 јануари 2014

 

34-годишна Стела Жан  успеа да го привлече вниманието на модната фела, веднаш по победата на натпреварот за модни таленти Who's On Next во 2011 година, во организација на италијанското издание на списанието Vogue и Alta Roma и од тогаш нејзината работа посветено ја следат Армани и Сузи Менкес како нејзини големи фанови.

 

 

Родена и порасната во вечниот град Рим, признава дека немала баш среќно детство, па поради тој факт голема желба и била да ја напушти Италија и да се пресели во Франција или САД. Политичките студии не успеала да ги заврши бидејќи нејзиниот интерес бил целосно насочен кон модата, додека работела како модел за Егон фон Фурстенберг, швајцарскиот аристократски моден дизајнер кој е воедно и поранешен сопруг на Дијан фон Фурстенберг. Егон бил голем пријател со мајката на Стела и како резултат на тоа пријателство решил да и помогне во градењето на нејзината модна кариера. Откако веќе го препознал нејзиниот потенцијал решил да ја запознае со неколку италијански дизајнери како Валекстра и Гатинони. Во тој период Жан го запознава и својот сопруг со кој има и две деца. Со тек на време Стела  сфаќа дека модното студио е вистинското место за неа, па за сметка на тоа  ја напушта работата како модел.

 

 

Без формална обука и способност за цртање, таа своите дизајни ги создавала директно на кукли, прикачувајќи ги со помош на иглички како што тоа го правеле Пако Рабан и Коко Шанел, процес кој е мошне тешко да се реализира. Во 2009 година со помош  на една своја пријателка шивачка, успеала да влезе во шоуто за модни таленти „Who's On Next“. На натпреварот презентира убави и колоритни парчиња облека, но подоцна сфаќа дека тоа не е стилот, ниту мода која жирито па и фановите бараат да ја видат, туку нив им треба колекција која ќе има своја приказна. Ловецот на таленти Симонета Џанфеличи, која воедно е и италијански модел од 1980-тите и посочува на фактот за кој таа е веќе свесна и вели дека доколку сака по трет пат да влезе во шоуто ќе мора да биде поискрена спрема себе и да се претстави  во вистинско светло. Стела за прв пат во својата кариера решила да ја раскаже нејзината модна приказна преку креирање на модна колекција која вбројува 12 крации. Инспирацијата за ова нејзино ремек дело се крие во уникатноста на хаитскиот дух и италијанската софистицираност, кој таа на многу смел и интересен начин ги вметнува во линијата и успева во 2011 година да победи на овој натпревар.

 

 

„Who's On Next“, ја награди Стела Жан со 5000 евра, парична награда која и овозможи сама да си создаде своја етикета под која ќе ја дизајнира нејзината следна колекција, која таа прв ја промовираше во Рим, а подоцна истата беше изложена и во Милано. Почетокот и сама вели дека и бил мошне тежок, поради нејзиното сиромашно модно образование. Таа дури не знаела ниту каков материјал да избере, колку ткаенина ќе и треба за да изработи една креација и слично. Сепак не била оставена сама на себе, постојана поддршка имала од уредниците на италијански  Vogue и Alta Roma.

Нејзината трета колекција која беше промовирана во културната институција Театро во Милано пред кралот на модната индустрија Џорџо Армани, привлече големо внимание и меѓународни купувачи.

 

 

Линијата за есен-зима 2013 година која вклучува здолништа и фустани е распродадена веднаш по нејзината промоција, факт од кој Стела е изненадена. Мултикултурата како тема останува заштитен знак на нејзината работа. Нејзината водечка и првична цел е облеката да комуницира меѓу себе преку концептски целости кои спојуваат спротивни светови, култури и традиции на еден софистициран и беспрекорен начин. Таа не е првиот моден дизајнер кој е инспириран од Африка или Карибите, но таа е првиот дизајнер која знае како нивното богатство да го искористи на издржан и модерен начин.

 

 

За нејзината линија пролет-лето 2014, Жан отпатувала во Буркина Фасо, Западна Африка, како дел од делегацијата на Обединети Нации кои сакале да им направат промоција на овие области кои се познати по изработка на уникатни материјали. Во рамките на тоа патување дизајнерката имала можност да се сретне со  талентирани луѓе кои ја разбудија нејзината креативна енергија, па во својот дом се вратила со полно парчиња, рачно ткаени ткаенини во најразлични бои и интересни идеи.

 

 

Оваа година ја лансираше и својата прва линија на машка облека за пролет-лето 2014. Секоја недела патува во изложбениот салон во Милано и фабриката во Чезена каде се ткае модната магија. Семејството е исто така голем стимул на инспирација за неа. Како највпечатливи дамски модни изгледи таа ги наведува фотографиите од 1950-тите и 1960-тите каде ги има нејзините баби и мајки. Особено ја фасцинира силуетата на облеката и начинот како тогаш се нагласувале женските атрибути особено половината и колковите. Принципите за машката облека таа ги базира врз нејзините сеќавања на класичниот италијански стил кој го поседувал нејзиниот покоен татко. Таа тоа го нарекува „wax and stripes philosophy“, восочните ткаенини кои ги наследила од нејзината мајка комбинирани со пругите на кошулите на нејзиниот татко кои ги купувал само од Торино. Својот стил пак го опишува како „mannish“. Најчесто носи здолништа со широк круг и волумен, и е облечена како маж, бидејќи се фасцинира од стилот на нејзиниот татко, па по неговата смрт задржала некои негови парчиња, а неколку си сошила. Обожава да носи обувки со црковни дезени и религиозни мотиви. Нејзината наредна мисија е да продолжи да ги спојува и претопува културите ширум светот, користејќи ткаенини од целиот свет креирајќи еден сосема нов моден идентитет во дизајнирањето не само на облека туку и во создавањето трендови кои ќе имаат свое поглавје во модната историја.

Објавено:
29 јануари 2014
Категорија: 
Портфолио