Талентираниот внук на Александар Меквин што создава магични марами

16 септември 2019

Веројатно не постои човек во светот што не е запознаен со неверојатната работа на големиот дизајнер Александар Меквин кој почина во 2010 – тата година, но се чини дека неговиот внук Гери Меквин совршено ги следи неговите стапки.

lapalme_magazine

Гери е познат дизајнер на уникатни марами со принт изработени од висококвалитетни материјали кои ги обожаваат дамите ширум светот, а многу често истите место наоѓаат и како луксузен украс во нечиј дом.

Неговите клиентки марамите ги носат и како ремен, ги врзуваат за торбите како лускузни детали, ги украсуваат јаките од кошулите со истите и во секој момент изгледаат уникатно.

Како и неговиот вујко, така и Гери е обожавател на впечатливи готски принтови, на моменти романтични, па дури и мистични.

Неговата прва колекција марами тој му ја посвети на Александар и сосема очекувано, што поради квалитетот и уникатноста, што поради познатото име, беа распродадени за час, а обожувани ширум светот.

„Марамите се детали што прават добар баланс помеѓу производ што можеш да го носиш и нешто што ќе го зачуваш и цениш засекогаш. Ми се допаѓа тоа што токму марамите преку принтовите секогаш раскажуваат различна приказна. Сакам да создавам карактери и различни светови“, вели дизајнерот за Дејли Мејл.

Тој се сеќава на неговиот вујко што го обожавал и му бил вистински другар со оглед на тоа што биле само 10 години разлика.

Александар бил исклучително близок со неговата сестра, мајката на Гери, па ги знаел сите мрачни тајни на неговото семејство, особено оние поврзани со нејзиниот сопруг злоставувач кој често го повредувал и Гери.

„Дефинитивно наследив нешто од неговиот креативен ум. Сепак, доаѓаме од исто семејство. Тој ми даде правец за тоа како да гледам на модата, а да е поврзана со уметноста. Ме научи како веднаш да ги развивам моите идеи. Да гледам надвор од кутијата“, вели Гери.

Денеска, тој е еден од најпознатите дизајнери на свилени марами кои се изработуваат во познатата италијанска фабрика Ratti, каде се создаваат материјалите за најлускузните модни куќи во светот.

Иако чинат повеќе од 250 долари по парче, овие уникатни уметнички дела дефинитивно вредат да се најдат во плакарот на било која дама обожавател на модни додатоци.

Инфо: Daily Mail

Објавено:
16 септември 2019
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
256 пати