@bead_fay_mk: Украинка во Македонија создава уникатен етно накит од монистра

8 април 2020

Татјана Убренович е Украинка по потекло, која последниве шест години живее и работи во Македонија. По професија е градежен инженер, но љубовта кон креативната работа ја носи уште од дете.

Резултатот од таа љубов го пласира преку страницата „Bead_fay_mk“ (Инстаграм и Фејсбук), што и нам ни го привлече вниманието. Татјана изработува уникатен накит од монистра, а акцентот е ставен на етно мотиви.

„Техниката за плетење монистри ја учев во Украина, уште од дете се интересирав за тоа. Уште од прво одделение посетував часови за плетење со монистра, каде научив неколку едноставни техники на плетење. Со текот на времето, купував книги, од кои црпев знаење и инспирација и полека го запознавав занаетот. Кога се појавија Интернет и социјалните мрежи, ми станаа и извор на инспирација за нови идеи, но и извор на набавка на квалитетни репроматеријали. , ама сериозно се вљубив во овој занает кога се преселивме во Македонија“, ни објаснува 30-годишната Татјана.

Таа додава дека во совладувањето на техниките ѝ помогнале и онлајн работилници и видеа што ги наоѓала на Интернет.

„Постојат многу начини на плетење со монистра, а јас ги владеам речиси сите. Плетам и со игла и рибарски конец, но и со специјален разбој за монистри, како и со ченгелакија, како и со секакви ќустеци“, дополнува Убренович.

Вели, иско отсекогаш ја интересирала ваков тип рачна изработка, сериозно се вљубила во овој занает кога дошла во Македонија со семејството.

Инаку, нашиот јазик го владее одлично, а го учи самата.

“Почнав да го учам, а и сè уште го прават тоа, така што зборувам со луѓето и читам многу книги – од детски приказни, до различни списанија. Не се срамев да прашам нешто ако не ми е јасно. Кога ќе наидев на некој збор нов за мене, го запишував во тефтер, за да го запаметам поубаво. После пет месеци вакво учење, отидов да работам на моето прво работно место во Македонија, каде и колегите и клинетите ми беа само Македонци, па морав да се снаоѓам сама со за мене, нов јазик. Потоа, продолжив на друго место да работам, а во последниве две години му помагам на сопругот со неговата фирма. Слободното време го посветувам на својата уметност. Инаку, македонскиот јазик е петтиот што го научив во текот на животот, но морам да кажам дека ми оди лесно“, ни раскажа Татјана.

И покрај тоа што веќе долго време се тука, сепак секоја година фамилијарно одат за Украина, да ги посетат роднините.

„Она што најмногу ми се допаѓа во Македонија е природата, темпото на живот и безбедноста“, нагласува таа.

Интерес за нејзините изработки вели, постои.

„Според моето искуство и гледање, можам да кажам дека во Македонија има интерес за народни мотиви пренесени на накит, дури повеќе отколку за модерни парчиња. Рачните изработки се наменети за тие личности, што знаат да ги носат и да ги ценат, што сакаат да имаат нешто уникатно направено со душа“.

За тоа дали овој нејзин занает може да донесе и добра заработувачка, ќе каже:

- Искрено никогаш не сум пробала да живеам од својот занает, секогаш имам покрај тоа неколку различни независни извори на заработка, затоа што по карактер сум таков човек кој не трпи да биде врзан кон едно место, за мене најбитен услов на присутство инспирација, е чувство на внатрешна слобода, а без неа ниту едно дело не бива. Ама мислам дека кога целосно би се посветила на својот занает и тоа би било возможно. Покрај совршен квалитет на материјали и беспрекорност на самата изработка, не треба никогаш да се заборава маркетиншкиот аспект, без него исто не бива. Реклама низ социјалните мрежи тука е од голема помош. Штом повеќе сретства ги вложуваш во реклама, лого, амбалажа и така натаму, толку повеќе луксузни и барани конечни производи добиваш од своите изработки. Поентата не е само да направиш нешто екстра-квалитетно од најдобрите материјали, туку и го презантираш на купувачот како нешто луксузно и уникатно. Тоа секогаш делува и се цени – објаснува Татјана.

Учествувала и на бројни базари во државава, но вели дека тоа повеќе не ја исполнува:

„ Првите неколку години јас учествував во сите можни базари низ Македонија, ама веќе го надминав тоа. Искрено не сум голем љубител на таков тип учество на базари. Покрај тоа, јас веќе четири години сум членка на Здружение на уметници и ракотворци „ЗУР Арти Крафт“ и со големо задоволство прифаќам учество на речиси сите нивнибазари, ама тоа ми е повеќе за дружење со интересни и талентирани луѓе, а помалку за продажба на производите што ги нудам“.

Освен со монистра, таа владее и рачна изработка со други материјали и техники.

„Понекогаш цртам слики во различни техники, правам пано од солено тесто со лепак со старата украинска техника заедно со ќерка ми или везам на платно“.

На крајот ја прашавме и која е нејзината цел и замисла за овие уникатни рачни изработки:

„ Мојата цел а воедно и желба е да имам уникатен бренд, што со самиот свој наслов ќе значи луксузен накит или уметничко дело со екстра квалитет. Сакам да бидам позната со своите дела низ Македонија и надвор од неа. На тоа сум и посветена во моментов.  Обожавам кога моите дела стасуваат до срцата на своите сопственички, кога луѓе со гордост и задоволство ги носат моите изработки и кога ми кажуваат дека тие подоцна им донеле или им носат среќа. А јас навистина во сите своите дела вложувам позитивната енергија и огромна љубов, тоа ме исполнува – искрена е Татјана.

Во продолжение погледнете уште неколку од нејзините изработки:

Објавено:
8 април 2020
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
1.053 пати