Урсула Столф: Трагач по скриени модни богатства

19 мај 2014

На  програмата на каналот „Дискавери“ ,  сигурно сте ги забележале неколкуте серии аукции на складови што се случуваат низ Америка и Канада. Доколку не, станува збор за продажба преку аукција на закупени складови што изнајмувачите ги оставиле подолг период заклучени и не ги подмириле долговите за користење  на просторот односно скалдот.  Раководството на бројните гаражи има право да ги стави на аукција заклучените  предмети чии сопственици  навреме според договор не ги испразниле.  Токму во тие простории може да се пронајде буквално се, од мебел, разни машини и техника, мотори, понекогаш и само бескорисно ѓубре, но и штендери, кутии и куфери со брендирана облека и аксесоари. Канаѓанката Урсула Столф веќе неколку години се занимава со препродавање на облека, аксесоари и винтиџ ентериери за во домот што ги откупува на аукции низ Канада. Нејзиниот бизнис е доста успешен, а идејата да се занимава токму со откупување и препродавање и ја дал  татко и уште кога била дете. Откако ги пронаоѓа вредните парчиња Урсула  ги огласува на нејзиниот  онлајн сајт.

Но, најинтересниот дел од работата на Урсула всушност е потрагата и борбата со останатите ривали или откупувачи на складови.  Секој од нив има конкретна цел и намера што претендира да откупи, па така таа секогаш е во борба со нив кога ќе „намирисаат“ нешто вредно што знаат дека таа сака да го купи. Прада, Армани, Луј Витон, Шанел и уште многу вредни и барани етикети претставуваат добитна џек-пот комбинација за Урсула. Иако, не е секогаш сигурна што се може да се крие во складовите, таа е доволно храбра да ризикува и да ги вложи своите пари.

 

Нејзината најголема заработка досега била на очила за сонце од Миу Миу кои ги купува за 50 долари, а ги препродава за 1500 долари. Очилата се само еден од многуте пронајдени парчиња и аксесоари. Таа вели дека во денешно време кога навистина претставува луксуз да купите ново и трендовско брендирано парче, одлична е можноста да ги задоволите своите страсти кон модата со креација што некој ја подзаборавил, а можеби и никогаш не ја облекол на себе.

-Бидејќи ја следам светската мода лесно можам да препознаам некое дизајнерско парче и без да ја видам етикетата. Посебно сум задоволна кога ќе откупам нешто вредно, но потребна ми е и среќа  бидејќи до мене секогаш има силна конкуренција која знае  што вреди,а  што не, вели Урсула и додава дека барем во Канада нема стереотипни сваќања за облеката што веќе некој ја поседувал.

Таа вели дека освен на територија на Канада планира да трага по модни богатства и на различни страни од светот каде се прават аукции на гардероба.

Објавено:
19 мај 2014
Категорија: 
Портфолио