Иако пред три години и рече довидување на високата мода, сепак модата не го напушта Жан Пол Готје, кој денес полни 71 година.
Детето што растеше во предградијата на Париз, веќе како тинејџер започна да креира облека за неговата мајка и баба.
Наставниците во училиште немаа разбирање за неговиот креативен талент, па додека Жан црташе танчари покриени со пердуви и светки, наиде на остри критики.
Истепан од наставникот и принуден да кружи со цртежот залепен на грб покрај соучениците, тој и не очекуваше дека токму тие ќе му ја дадат потребната поддршка за понатаму.
Генијалноста во него се препознаваше и во навидум лудите подвизи кога ги кинеше трпезариските чаршафи по дома за да направи здолништа и ги откачуваше завесите за да креира невестински вел.
Само што стана полнолетен Жан доби работа како асистент на Пјер Карден.
И така започна сè. Откако во 1976-та ја претстави својата прва линија се нижеа еден незаборавен момент по друг.
Четири години подоцна создаде фустани од пластични кеси за отпад, а во 1984-та јавноста ја запозна со легендарниот корсет со конусен градник.
Жан секогаш ја потенцираше слободата на изразувањето, како на пример кога го создаде машкото здолниште во 1985-та.
Неговата идеја беше да се излезе од границите на дозволеното, без чувство на грижа дека сте поинакви. Да се напишат нови правила без да се размислува за стереотипи.
Новиот милениум ја донесе и детската колекција на Готје во 2009-та, а две години подоцна дизајнерот претстави и линија за бебиња.
Инспирацијата на Жан е уличната мода, популарната култура, а кога станува збор за висока мода, гледаме формални, а во исто време и необично-игриви комбинации.
Последната кампања на брендот е наречена Dress Like Jean Paul, или Облекувај се како Жан Пол.
Во чест на неговиот 71 роденден!
Фото:Pinterest