Животна одисеја низ ремек делата на надреалната фотографска двојка Мерт и Маркус

17 јуни 2014

Девојките од фотографиите на Мерт Алас и Маркус Пигот се фатално совршени со надреална убавина – тотеми кон кои се стреми денешницата. Пластифицирани и стилиризирани како кукли од излози, без ниту еден недостаток на себе, со застрашувачки сјај кој уште повеќе го зголемува интересот поради непознатата мистика, тие се пример за тоа што посакува секое модерно општество, кое тежнее за реалност многу пошарена и интересна од денешната стереотипна и досадна. Без било какви лажни претензии, фотографите ја преточуваат својата фантазија во уметнички дела.

Мерт и Маркус Мерт и Маркус

Минимализмот не е дел од професионалниот опус на фотографската двојка. Напротив тие создаваат фотографии кои оживуваат еден сосема поинаков свет, вибрантно обоен со голема палета нијанси, интензивно сценарио кое знае да понуди и моден додаток чија вредност ќе биде поголема од цената на еден автомобил. Интерактивна игра со моделите за откривање на нивната сексуалност на контроверзен начин, но сепак крајниот резултат е секогаш создавање на сензуални фотографии, кои немаат допирна точка со евтината голотија и вулгарност. Токму затоа и кога шокираат со своите концепти, тие секогаш го прават тоа со стил! Во најголем дел од фотографиите, жената се претставува како хероина, се презентира борбеност во карактерот и самодоверба, принципи кон кои тежнее секоја модерна девојка.

Тоа што на почетокот ќе биде оценето како случајна средба, доведе подоцна Мерт и Маркус заедно да ја започнат својата животна одисеја. Се среќаваат во деведесеттите години во Лондон, млади, енергични и спремни за експериментирање, како и конзумирање на се што британската престолнина може да им понуди. Приказната за судбинската средба започнува откако на една забава Маркус го замолил Мерт да му позајми запалка. Романтичната сцена како од филмско платно доведе до фактот тие да бидат не само партнери во работата, туку и партнери во приватниот живот. По завршувањето на љубовната приказна, продолжија да функционираат професионално, не дозволувајќи емоциите да ги загрозат нивните работни планови. Иако се тотално различни како небото и земјата, сепак суштинските разлики и нивното дополнување ги направи совршена двојка за која светот чезнее.

Во текот на своите скромни, експериментални почетоци, тие морале целосно самите да се грижат за сите детали околу фотосесиите, вклучувајќи го и изборот на модни парчиња, шминката и фризурата. На крајот трудот се исплател. Со објавувањето на едиторијал во магазинот Dazed&Confused, во чија естетика биле заљубени, нивниот живот започнува да се менува од корен. Преку ноќ, сите големи модни магазини сакаа токму оваа двојка да биде дел од нивниот тим, а за соработка чекаа голем број реномирани модни куќи.

Склопувањето на разни елементи во едно совршено дело бара умешност и трпение. Според Мерт и Маркус, целта на фотографијата не е само претставување на убава модна фотографија во чиј фокус ќе биде некоја луксузна чанта или пак часовник, туку да се разбере единството на маркетингот, културата и уметничката содржина во неа. Тие знаат да креираат сосема поразлична реалност кон која сите тежнееме и токму затоа дизајнерите ги обожаваат.

Славните пионери на дигиталната манипулација не ја кријат зависноста од фотошопот со чија помош ја реализираат фантазијата полна со невозможни сценарија, а при тоа не кријат дека својата инспирација ја црпат од делата на голем број фотографски великани, меѓу кои е и Хелмут Њутн. Нивната генијалност е неспорна. Мерт и Маркус создаваат ремек дела, фотографии кои се реалност само за оние чија креативност и инвентивност гледа многу подалеку од црно – белиот свет на обичниот човек.

Објавено:
17 јуни 2014
Категорија: 
Портфолио