Со оглед на тоа дека трендот здолниште и кус топ се' уште е актуелен, а по се' изгледа нема ни скоро да си замине, барем не од трендовите што се воспоставуваат кај нас, денешниот стилски двобој го посветуваме токму на оваа комбинација.
Се работи за креации од пролетните ready-to-wear колекции за 2015 година на дизајнерите Мајкл Корс и Оскар де ла Рента.
Првата креација е на Мајкл Корс. Тој се одлучил за материјал со тегет основа и големи жолти цветови. Здолништето е со миди должина, и кроено од повеќе парчиња, со што благо се шири. Корс одлучи од страните да стави и џебови, уште еден од актуелните трендови, кога се здолништата во прашање.
Горниот дел е краток топ, без ракави, од истиот материјал. За обувки, Мајкл се одлучи за сандали со врвки.
И тимот на Оскар де ла Рента исто така се одлучи иста ткаенина да примени и за двата дела. Горниот дел е исто така без ракави, додека здолништето е нешто поинакво од она во колекцијата на Корс. Оскар де ла Рента одлучи да ја скрати поставата и да направи мини-здолниште, а транспарентната ткаенина со геометриски принт да ја сошие одозгора, со што се доби здолниште со должина до глужд и со речиси слободен пад. Со оваа комбинација, се искомбинирани сандали со ременчиња и на висока потпетица.
Во која комбинација се замислувате вие?