Денешниот стилски двобој го посветуваме на ресите. Едно од парчињата што ни остави впечаток од последната колекција на Том Форд за есен-зима 2015/16 година е белиот фустан до колена, украсен со реси.
Дизајнерот го искомбинира со високи црни чизми и црн впечатлив накит, со што ова е дефинитивно едно од најтрендовските парчиња што ќе доминираат и следната сезона.
Од друга страна е комбинацијата на Dsquared2, од пред-есенската колекција за 2015 година. Тие се одлучија за куси реси и кожа во црна боја, што ги преточија во здолниште и јакна. Патентите придонесуваат за уште повпечатлив рок ефект на комбинацијата. И ако Том Форд се одлучи за чизми, овде изборот на обувки се сандали со ременчиња, со што комбинацијата добива и елегантна нота.
За која комбинација би се одлучиле вие - бела или црна?