Без и со шеќер: Две верзии на омилениот џем од кајсии

7 септември 2021

Една од причините поради кои го сакаме септември, а генерално и есента се овие вкусни специјалитети кои не' враќаат во детството.

Џемот од кајсии е еден од нашите омилени, а доколку сакате да си направите, па макар и само неколку мали теглички и во домашни услови, ние најдовме два супер рецепта.

Лесни се, така што може и почетниците да се снајдат и тоа најдовме две верзии - со и без шеќер, па вие направете ја онаа која повеќе ви одговара.

 

Џем од кајсии без шеќер

Потребно: 1 килограм кајсии, 1 ќесичка течна ванила, 1 тегла од килограм (или две помали)

Начин на подготовка:

-Кајсиите добро измијте ги и исчитете од семките. Ставете ги во големо тенџере и ставете половина чаша вода. Ставете да се варат на силен оган, а кога ќе забележите дека овошјето почнало да се вари, намалете ја температурата. Варете на тивок оган, мешајќи да не загори.

Кога сета течност ќе испари, повлечете со лажицата по дното на тавчето да видите дали ќе остави трага. Ако остава, тоа значи дека џемот е говот. Жешкиот џем ставете го во теглата (претходно стерилизирана) и затворете со капак.

Теглата свртете ја наопаку, а потоа покријте ја со крпа и оставете да се излади. Кога ќе биде сосема изладен џемот, вратете ја теглата во првичната положба и ставете во ладилник или остава.

Вака приготвениот џем има пријатен вкус, малку е киселкаст бидејќи не содржи шеќер. Кога теглата ќе ја отворите, задолжително чувајте ја во ладилник. 

Џем од кајсии со шеќер (рецептот е супер и за праски)

Потребно: 4 шолји (1 килограм) мелени или пасирани кајсии,/праски 2 шолји шеќер (200 грама), 3 лажици лимон.

Начин на подготовка: Кајсиите излупете ги и отстранете ја семката (ако правите со праски, тогаш и црвениот дел кај коската исто така се отстранува). Потоа испасирајте ги или измелете.

-Ставете ја смесата во широко тенџере и додајте го шеќерот и лажица лимон. Нека врие околу 20 минути, а вие мешајте што почесто. Џемот е готов кога ќе забележите дека e мошне густ. Тргнете го од оган и додадете го остатокот од лимонот и добро промешајте.

-Готовиот џем ставете го во стерилизирани теглички додека е уште жежок. Потоа свртете ги наопаку додека не се излади. Оставете секогаш два прста од врвот, не полнете сосема до крај. 

Бонус рецепт:

Состојки: 1.5 кг. свежи кајсии, 1 кг шеќер, 200 мл сок од јаболка, 1 поголем лимон, 1 парченце путер

Подготовка:

-Измијте ги убаво кајсиите и тргнете ги семките. Потоа, исечкајте ги на поситни парчиња и ставете ги во голем лонец, заедно со јаболковиот сок. Варете додека смесата не зоврие, а потоа намалете ја температурата, па варете уште едно десетина минути додека кајсиите не омекнат.

-Во смесата потоа додадете го шеќерот и сокот од лимонот, промешајте и оставете да се вари на умерена температура уште 20-тина минути. За да бидете сигурни дека џемот е готов, со дрвена лажица мал дел од врелиот џем ставете го во ладен сад (садот ставете го во замрзнувач за да навистина убаво се излади). Почекајте некоја минута, а потоа пробајте да го превртите. Ако не тече, значи дека е доволно густ и готов. Доколку е се уште воденаст, продолжете уште малку да варите.

-Тргнете го лонецот од шпорет и оттргнете ги евентуалните нечистотии на врвот. Во врелиот џем додадете го парченцето путер, убаво промешајте ја целата смеса и оставете да се излади околу десетина минути. Така приготвениот џем ставете го во топли, стерилизирани тегли, затворете ги и оставете на темно и ладно место

Објавено:
7 септември 2021
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
365 пати