Брз џем од кајсии и за не толку искусни домаќинки

26 јули 2019

Секогаш сме расположени за џем од кајсии. Совршено се слага со палачинки, па доколку викендов планирате да си го направите ова слатко задоволство, ние ќе ви помогнеме.

Дури и да не сте искусна домаќинка и ова да ви е првиот џем од кајсии што ќе го направите, веруваме дека ќе се снајдете, бидејќи рецептот е брз и лесен. 

Состојки:

1.5 кг. свежи кајсии

1 кг шеќер

200 мл сок од јаболка

1 поголем лимон

1 парченце путер

Подготовка: 

-Измијте ги убаво кајсиите и тргнете ги семките. Потоа, исечкајте ги на поситни парчиња и ставете ги во голем лонец, заедно со јаболковиот сок. Варете додека смесата не зоврие, а потоа намалете ја температурата, па варете уште едно десетина минути додека кајсиите не омекнат.

-Во смесата потоа додадете го шеќерот и сокот од лимонот, промешајте и оставете да се вари на умерена температура уште 20-тина минути. За да бидете сигурни дека џемот е готов, со дрвена лажица мал дел од врелиот џем ставете го во ладен сад (садот ставете го во замрзнувач за да навистина убаво се излади). Почекајте некоја минута, а потоа пробајте да го превртите. Ако не тече, значи дека е доволно густ и готов. Доколку е се уште воденаст, продолжете уште малку да варите.

-Тргнете го лонецот од шпорет и оттргнете ги евентуалните нечистотии на врвот. Во врелиот џем додадете го парченцето путер, убаво промешајте ја целата смеса и оставете да се излади околу десетина минути. Така приготвениот џем ставете го во топли, стерилизирани тегли, затворете ги и оставете на темно и ладно место.

Објавено:
26 јули 2019
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
367 пати