Македониум од кашкавал и овошје: Данче Томашевиќ создава уметност во чинија

3 август 2022

Големиот празник Илинден ги инспирираше македонските креативци да создадат уникатни дела со кои го прославија Денот на Републиката, па така во текот на вчерашниот дел, на социјалните мрежи забележавме безброј фотографии, графички дизајни и уметнички дела инспирирана од Илинден. Па дури и храна.

Да, точно прочитавте - храна!

Еден таков неверојатно инспиративен пример е Данче Томашевиќ, која на својот Инстаграм профил @mama.sa.limana вчера објави фотографија од чинија на која со кашкавал, грозје, пресувано сушено овошје, пиперка, краставица и активен јаглен го исцртала споменикот Македониум во Крушево, посветен на Илинденското востание и Крушевската република, како и на првото заседание на АСНОМ.

Покрај тоа што нè воодушеви, оваа објава нè поттикна да го разлистаме нејзиниот профил, што дополнително нè мотивираше да ги споделиме нејзините на волшебни креации со храна.

Данче Томашевиќ е дипломиран менаџер за бизнис и логистика со потекло од Гевгелија, која дополнително ужива во дизајнот на накит, готвењето и декорирањето торти и колачи. Таа е мајка на три дечиња и со своето семејство живее во Нови Сад.

На нејзиниот профил таа споделува креативни оброци, како и идеи и предлози за родители за тоа како активно и забавно да го поминат своето време со децата. Нејзината креативност се буди во екот на пандемијата кога сите бевме принудени да останеме затворени во четири ѕида.

Дополнителен поттик претставува и нејзиното сознание дека, покрај тоа што храната треба да биде здрава, за да им биде доволно привлечна на децата, важно е и како таа ќе им биде презентирана. Па така, Данче доаѓа до креативно решение кое неочекувано прераснува во неодоливо интересна содржина за секој од нејзините 15 илјади следбеници.

Погледнете како изгледаат оброците изработени од генијалните раце на Данче.

Објавено:
3 август 2022
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
1.539 пати