Маноло Бланик споделува новогодишен рецепт за чоколаден мус

21 декември 2021

Дизајнерот Маноло Бланик признава дека освен во дизајнирањето чевли, секогаш ужива во овој чоколаден десерт кој секогаш со задоволство го подготвува и за своите пријатели и семејство.

„Не сум горд на тоа што сакам и уживам во благи работи, но на овој рецепт не можам да му одолеам“, вели дизајнерот.

Па ако сте во потрага по лесен и вкусен десерт во празничниот период, еве идеја:

Состојки:

2 чоколади, 2 лажици путер, 6 јајца (со одделени белки од жолчки), 80 грама (+2 лажици) шеќер, 120 мл слатка павлака и уште 1 до 2 коцки чоколадо.

Подготовка:

Чоколадите иситнете ги на помали парчиња и заедно со путерот ставете ги во сад и растопете ги на пареа. Мешајте со дрвена лажица додека се' не се стопи и не стане мазна смеса. Оставете да се излади само неколку минути пред да ги додадете жолчките една по една.

Откако ќе го завршите ова, оставете смесата да се лади. Во друг сад изматете ги белките додека не добиете пенест шлаг. Постепено додавајте 80 гр шеќер и матете додека не се соединат и додека смесата не стане цврста. Со мека лопатка изматените белки додадете ги во чоколадната смеса.

Во друг сад изматете ја слатката павлака со остатокот од шеќерот, а потоа таа смеса додадете ја во онаа со чоколадо и белки додека не се соединат.

Ставете во мус чаши, можете да користите и калапи, што и да ви одговара. Секоја чашка покријте со фолија, а потоа ставете во замрзнувач најмалку два часа. 

За крај, нарендајте малку чоколадо или додајте кокос и уживајте во вкусот!

 

Објавено:
21 декември 2021
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
1.021 пати