Седрик Гроле е 32 годишен слаткар од Франција кој во моментов важи за нова и надежна ѕвезда во светот на кулинарството.

Самиот ќе каже дека социјалната мрежа Инстаграм најмногу му помогнала во промовирање на неговите фасцинантни рецепти кои во некои моменти се чинат толку реални.

Фото: Le Meurice

Денеска, ова младо и згодно момче има повеќе од еден милион следбеници на Инстаграм и уште повеќе обожаватели на неговите слатки ширум светот.

Тој беше избран за најдобар слаткар во Франција во 2015 – тата година од популарниот магазин Le Chef, а има добиено и голем број други награди и бил дел од бројни популарни шоуа за готвење.

Седрик практично пораснал во ресторанот на неговиот дедо, а на 13 години веќе почнал сериозно да се интересира за правење слатки и да им помага на готвачите во кујната.

„Никогаш не сакав да учам и имав лоши оценки на училиште. Секогаш плачев кога некој професор ќе побараше од мене да одговорам на некое прашање. Слатките отсекогаш го привлекувале моето внимание. И денеска, како изгледаат тие е многу важно, но секогаш повеќе сум опседнат со безбројните комбинации и вкусови“, вели Седрик во интервју за Michelin.com.

На 21 година, тој се преселил во Париз за да го следи својот сон. Сосема нормално, кариерата ја започнал правејќи ги познатите „макаронс“ во локален француски ресторан.

Откако по речиси две години се изморил од оваа работа, почнал да посетува часови кај познат француски готвач, специјализиран за десерти каде ги научил најголемите тајни.

Неговите колеги ќе кажат дека за него немало работни часови, односно дека тој бил толку опседнат со тоа да ги направи совршените слатки, што работел без паузи.

Денеска, тој е познат по тоа дека ги прави најреалните слатки кои неверојатно наликуваат на овошје, но сепак, сè што ќе видите е направено од него.

Досега има работено и гостувано во некои од најпознатите ресторани на светот, а работи и како ментор на талентирани готвачи кои сакаат да го следат неговиот пат.

Во галеријата погледнете некои од неговите најсовршени рецепти и посетете го Инстаграм профилот за повеќе.

Извор: Michelin Guide

Фото: Instagram/cedricgrolet

Објавено:
16 август 2018
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
581 пати