Коктели со кои можете да наздравите за празниците

30 декември 2021

За новогодишната ноќ или генерално празничниот период, пробајте нешто ново и наздравете за новите убави моменти што претстојат.

Ние пронајдовме четири различни коктели кои се добар избор за овој период од годината.

Кој е вашиот фаворит? 


Црвен „Џингл“ пунч

Состојки: 1 шише вотка, 1 шише розов шампањ, 2 литри 7UP, брусница за декорација

Подготовка: Еден поголем сад наполнете го со мраз и помешајте ги сите состојки, за добро да се соединат. Послужете во часа во која исто така има мраз и украсете со брусница.

Ако ова количество ви е премногу, тогаш задржете го размерот (исто количество вотка и шампањ и дупло сок)

Портокалов коктел

Коктел совршен за новогодишно наздравување - лесен и освежителен, со цитрусен вкус.

Состојки: 750 мл шампањ, 200 мл сируп од мандарини, свеж рузмаарин и кора од лимон

Подготовка: Шампањот ставете го во големи тесни чаши, додајте околу 2-3 лажици сируп од мандарина и украсете со свеж рузмарин и лимонова кора (или замрзнати капини).

Рецепт за сируп од мандарини: 1/2 кг мандарини, 250 мл сок од брусница, 2 лажици лимонов сок, 400 гр кафен шеќер, кора од половина лимон, каранфилче

-Мандарините исечете ги на половина, а потоа исцедете. Во сокот ставете ги останатите состојки и додадете уште 100 мл вода. Сето тоа ставете го во поголем сад, на огран додека не зоврие, а потоа намалете ја температурата и варете на тивок оган додека не се згусне и не добие текстура на сируп. На крај оставете да се излади, па процедете го и складирајте во шишенце. Чувајте во ладилник.

 

Син коктел

Мешавина на рум, шампањ и сок од ананас. Ќе ве воодушеви неговата сина боја, а се надеваме и вкусот.

Состојки: 1 исцеден лимон, 2 лажици шеќер, вишни/цреши за декорација, листови свежо нане за декорација, 60мл бел рум, 60 мл Blue Curaco, 240 мл сок од ананас, 240 мл шампањ.

Подготовка: Рабовите на секоја чаша за коктел премачкајте ги со лимонов сок, а потоа со шеќер. Во еден сад помешајте го румот со синиот ликер, заедно со ситен мраз и течноста ставете ја во коктел-чаши.На врвот ставете сок од ананас и шампањ. Украсете со вишни и неколку ливчиња нане.

 

Варено вино + бренди

Идеален вкус за зимскиот период!

Состојки: 1 шише црвено вино, 1/2 шолја сок од портокал, 1/4 шолја мед, 2 исечкани портокали,  2 стапчиња цимет, 4 каранфилчиња, 1/2 шолја бренди

Подготовка:

Во голем сад ставете го виното со сокот од портоткал, мед, парчињата портокал, циметот и каранфилчињата. Течноста загрејте ја на средна температура, додека не стане топла, но внимавајте да не зоврие. Варете 8 до 10 минути. 

На крај додајте бренди и послужете веднаш.

 

Објавено:
30 декември 2021
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
1.106 пати