Викенд рецепт: Чизкејк со џин-тоник

19 јуни 2021

Време е за викенд уживање. Нашиот предлог овој пат е чизкејк со џин-тоник. Не се пече, брзо се прави, а уште побрзо се јаде :)

Ова е рецептот:

Потребни состојки: 200 гр. бисквити (може и кружни чајни колачиња), 100 гр. путер, 500 гр крем сир, 25 гр. шеќер во прав, 50 мл. џин, 1 лажичка исцеден сок од лимета, или лимон, кора од 1 лимета или лимон, 100 гр. бело чоколадо, 300 мл. крем за шлаг/слатка павлака

Подготовка:

-Бисквитите сомелете ги во миксер или со сукало додека не добиете прав

-Така сомелените бисквити помешајте ги со стопениот путер. Смесата обликувајте ја во калап за торти со дијаметар од 20см и ставете во ладилник да се стегне.

-Во голем сад, помешајте ги крем-сирот, шеќерот во прав, џин, сокот од исцедената лимета или лимон и изренданата кора исто така од лимета или лимон. Мешајте додека не добиете мазна смеса.

-На пареа, растопете го белото чоколадо, па оставете го малку да се излади, околу 2 минути, а потоа додајте го во претходната смеса.

-Во друг сад, изматете ја кремата за шлаг/слатката павлака, а потоа додајте ја во смесата од сирење и бело чоколадо.

-Добиената смеса, прелијте ја врз тестото од бисквити и вратете во ладилник да стои барем четири часа, а идеално би било да отстои преку ноќ.

-Послужете го десертот со омилениот коктел или вино.

Објавено:
19 јуни 2021
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
1.381 пати