Викенд рецепт: Кралска Батенберг торта

14 мај 2022

Знаеме дека со изгледот веднаш ви го привлече вниманието. Батенберг тортата потекнува од 1884 година. Првпат е направена за венчавката на принцезата Викторија (внуката на  кралицата Викторија) и принцот Луис од Батенберг.

Во негова чест, како свадбен подарок, тортата била наречена по неговото презиме. Оригиналната верзија е со розови и жолти коцки, направени од роза и лешници, премачкани со џем од кајсија и одозгора прелиени со марципан.

Оттогаш наваму, постојат различни верзии на внатрешноста - со ванила, какао, фстаци итн... А ние пронајдовме рецепт со чоколадна верзија и ви ја претставуваме во продолжение.

Рецептот го најдовме на профилот „Готвиме со Теофанија“ и мораме да признаеме дека не се прави тешко, колку што во прв момент изгледа.

Потребно:

За бисквит: 200 гр шеќер, 200 гр путер, 4 јајца, 180 гр брашно, Прстофат сол, 1 лажичка пециво

За кафеав дел: 2 лажици какао, 50 мл јако кафе

За зелен дел; 2-3 лажички ментол екстракт, ¼ лажичка зелена прехрамбена боја
 
За ганаж: 150 гр чоколадо, 200 мл слатка павлака
 

Подготовка
1. Ја вклучуваме рерната на 170 степени да ни се загрее.
2. Путерот кој треба да ни е омекнат го матиме заедно со шеќерот до соединување.
3. Ги додаваме едно по едно јајцата.
4. Во брашното го ставаме пецивото и го додаваме кон изматената смеса, посолуваме.
5. Смесата ја делиме на два дела. Во едниот дел додаваме јако кафе и какао.
6. Во другиот дел додаваме ментол екстракт и зелена боја.
7. Во тавче со димензии 35х25 ги ставаме двете смеси, разделени со картон обвиткан со хартија за печење која треба да ја има и на дното.Печеме околу 20-25 минути, а дали е печено пробуваме со дрвена чепкалка, ако е сува, печено е.
8. Го ладиме, а за тоа време го подготвуваме ганажот.
9. Ја доведуваме слатката павлака до вриење, па во неа го ставаме искршеното чоколадо. Го мешаме додека да се растопи и смесата ја оставаме да подизлади.
10. Изладените теста ги делиме на две половини по должина. Редиме прво кафеаво, мачкаме со ганаж на споевите, спојуваме со зелено. Ги премачкуваме одозгора со ганаж, па врз нив на кафеавиот ставаме зелен дел, а врз зелениот ставаме кафеав дел. Целиот колач го премачкуваме со чоколадниот ганаж.
Објавено:
14 мај 2022
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
330 пати