Белешките на Fashionel од FWSK: Ден #1

24 октомври 2014

Од синоќа стартуваше сезонскиот период  на домашниот моден викенд во Скопје, термин  кога сите сакаат, следат мода, размислуваат што да облечат,  обожаваат да се фотографираат, коментираат.  Големата посетеност уште еднаш покажа дека е задолжително  да се биде дел од модниот настан, со оглед на тоа дека нови ликови постојано има, се бара столче плус за седење и ако е возможно што понапред. Тимот на Fashionel за сите вас што повеќе преферирате индиректно да следите што се случува, секој ден ќе издвојува по неколку работи од поинаков агол, што сме ги забележале од тековниот ден.

Што поинакво  перцепиравме  на првата вечер  читате во продолжение:

-За почеток бевме поштедени од патувањето до подолгата дестинација каде редовно се одржуваат најголем дел од ревиите. Среќа на синоќашната студена вечер останавме во централното градско подрачје што особено ни годеше, а веруваме дека и останатите се почувствуваа слично. Изложбениот простор на „Мала станица“ се покажа како одлично место за презентација на колекции, што можеби во иднина треба да се размисли како еден од попрактичните.

-Презентацијата од првата ревија на дизајнерот Јован Петровски  беше можност поинаку да ја доживееме, бидејќи беше проследена со музика во живо. Случај кој не е реткост за модни ревии од светските метрополи. Искуството на Петровски на странскиот пазар се покажа и во овој дел, што навистина беше поинакво доживување и за нашите уши. Психоделичната нумера која ја свиреше Сашко Костов на клавијатури,  комплетно парираше со сензибилитетот на колекцијата, како и неговиот темен и мистичен стајлинг заокружен со шешир, кој на некој начин не' потсети на Јован.

-Во текот на овие десет сезони на модниот викенд,  со чест на исклучоците како: Никола Ефтимов, Ирина Тошева, Никола Петровски, Роберт Ивановски, Никола Булевски, горе-долу  гледавме и по неколку машки креации. Креациите кои се раритет на FWSK,  вчеравечер беа во фокусот. Машката публика освен што им правеше друштво на своите понежни половини имаше шанса да види нешто и за себе.

-Токму машките креации на писта донесоа и машки манекени. Новите  и млади лица,  кој со повеќе,кој со помалку искуство, на некој начин внесоа поинаква енергија и ја разбија константната слика од пистата на која преовладуваат само женските манекенки. Се надеваме дека што почесто ќе имаме можност да ги гледаме, секако доколку дизајнерите ни го пружат тоа.

-Ако од изминатите сезонски изданија по завршувањето на секоја ревија се чекаше по половина час за старт на следната, овој пат случајот не беше таков. Токму кога помисливме дека е време за пауза, веднаш почна и презентацијата на дизајнерката Јована Филиповиќ. Флексибилно искористеното време навистина ни се допадна, не се создаде метеж, па нештата се одвиваа пофлуентно.

- Сепак не помина се' така совршено. Во еден момент не' изненади „манекенка“  за која се чудевме како воопшто се најде заедно со останатите на писта. Тука автоматски се наметна прашањето дали имало недостиг од модел или пак, не се следат одредените критериуми во изборот на манекенките.  Девојката ни приближно немаше пропорции потребни, барем за да се совпадне со останатите.  Доколку  носеше високи потпетици наместо рамни чизми можеби и немаше да изгледа некомпактно. Исто така, додека траеше ревијата на Јован Петровски, манекените не беа сосема усогласени, па некогаш премногу брзо чекореа, а некогаш имаше голема пауза помеѓу два модела. Сепак, тоа не го расипа комплетниот впечаток на настанот.

-Бидејќи имавме мисија да пронајдеме неколку девојки со одличен стајлинг, покрај оние што ги селектиравме, изборот беше навистина голем. Скопјани  покажаа дека на моден настан не треба да се појават во било каква комбинација.

Продолжува....

 

Објавено:
24 октомври 2014
Категорија: 
Стил