Дневник Илија Илов: Стилот се раѓа во душата

2 мај 2014

Развитокот на личноста, започнува во самото зачнување! Можеби таа започнува и во мислата на двајцата креатори. Со излегувањето од утробата, на бебето, тоа влегува во утробата- инкубаторот на општеството. Во општествениот инкубатор, детето добива општествено-вештачки колкови од авторитетот(во случајов- родителите). Автоматски, индивидуата ќе биде нивна манифестација, во клатењето и балансот при своето движење.

На две години, детето ќе се испроба во имитација на се’ она што општеството го прави пред неговите очи. По две години, детето, несвесно почнува да чувствува закана од таткото, поради загрозената состојба на себе, во однос на својата мајка, поточно на нејзината љубов(во овој случај го земав синот, како лично преживување). Во овој период, настанува целосно пресликување на детето со таткото, неговиот стил [1], со цел да се заведе мајката. Детето симболички врши убиство врз својот татко, на своја пет годишна возраст.

Стилот на детето до дванаесет години кај машките и десет кај женските деца, не познава полова различност. Тој, може да се чувствува удобно во здолниште, а таа во панталони. На шест години, детето започнува да се плаши од општествените очи, затоа што добива директен укор од таткото (што доликува за машки стил, за да се разликува од женскиот).

Во фазата на пубертетот започнува страдањето на една иднивидуа. Како последица, се јавува криење на својата полова различност. Овде кај машките деца се појавува желбата за отстранување на вишокот од влакна, бидејќи тие оддеднаш го исполнуваат телото со голема и густа површина, а и гласот добива нова боја, која ние не ја забележуваме, а другите ја препознаваат. Затоа отстранувањето на влакната се врши и по целото лице, кај машките се губи и формата на веѓите, тие добиваат нова остра и тенка форма, што е знак на себе казнување, кое се врши од недостиг на допир со својата личност.

Во пубертетот, настанува изложување на голоста, на повеќе кожа од телото, пред нејзиното покривање, тоа претставува поткупување на душата на другиот, бидејќи нашата празнина во душата се должи на нашата неопределеност и дефинирање на она што вистински сме. Тоа е животинскиот стил, на заведување на другите, односно покажување на својата слика пред другите. Најчесто во овој период, каде се искажува голотијата, се формира начинот на кој една индивидуа ќе го движи своето тело и во овој период доаѓа до искривеност на телата, при перцепцијата на самиот себе, дури и физичка деформација на самото тело. Бидејќи сликата на нас е отслика од абнормалното, кое Мас-медиумите ни го сервираат како нормално. Затоа машките деца посетуваат фитнес сали во кои, единствено се грижат за својот изглед.

Во овие години, прилагодувањето на нашиот стил се гради според тоа како другите гледаат на нас.

Кога се претрупуваме со облека, форми, контури и бои, ние воглавно ја пополнуваме празнината на нашата душа. Јас, сум бил неуморен во себе- китењето и секогаш моето тело ми изгледало празно.

Натрупувањето трае до оној временски период додека ние не добиеме правец и координација на себе и која е нашата цел во општеството. Општествената позиција, е позиција на баланс помеѓу личните пориви и општествените потреби. Се дотогаш манифестацијата на нашиот стил се гради со гушење и трупање на многу бои форми и материјали.

Откако веќе ја знаеме нашата функција во општеството, сме ја избрусиле нашата душа на она што сакаме и она што вистински ни треба. Кога сме ги виделе сите наши недостатоци и доблести. Кога нашата душа е мирна. Тогаш навлегуваме во една нова фаза во нашето постоење каде што се’, се сведува во барањето на светлото и темното, минимализмот и балансот при барање на сопствен идентитет во боите и формите. Брановите на душата и чистењето на пластите го градат стилот на една личност!



[1] Под стил подразбирам целосната надворешна манифестација, која тесно е поврзана со она што ние го чувствуваме внатре!

 

Автор: Илија Илов

Објавено:
2 мај 2014
Категорија: 
Стил