По шест години музичка пауза, Бијонсе годинава имаше успешено враќање на матичната сцена со албумот „Renaissance", а почесто ја гледаме и во нови модни кампањи.
Последна во низата такви е продолжувањето на соработката со брендот Tiffany & Co. чие заштитно лице е поп ѕвездата.
„Lose Yourself in Love" е водечката парола на рекламната кампања која официјално беше презентирана вчера, а Бијонсе изгледа елегантно стилизирана во женствен, припиен црн фустан и автентичен капут во металик златна нијанса. Комбинациите ѝ даваат дополнителен шмек на целата замисла, но акцентот е ставен на раскошниот накит од линијата HardWear, специјално изработен за оваа кампања.
Како што наведуваат од Tiffany&Co., ова е кампања која има за цел да ја истражува „бестрашната креативност".
„Бијонсе е инспирација за многумина, токму поради тоа што е олицетворение на овие вредности", велат од компанијата.