Повеќето од вас веројатно се сеќаваат на плетените чанти од јута или прачки, што ги носеа нашите баби, најчесто на пазарување или некоја прошетка.

Ако сте од оние што ви се допаѓа таквиот ретро стил, имаме добра вест за вас – повторно се во мода.

На времето таква имаше и Џејн Биркин, а Кирстен Данст неодамна е видена со слична таква чанта во Лос Анџелес.

Со оглед на тоа дека „Долче и Габана“ одамна веќе го предвидоа трендот, тие за новата летна сезона предлагаат токму такви чанти-корпи, во различни бои и секако, многу накитени.

Ако пак, сте од оние што никогаш немале ваков тип чанта, тогаш подновете се со една. Совршена ќе биде за претстојниот летен одмор, во комбинација со еспадрили и летен фустан или широки панталони и кошула.

Ваквата чанта од јута ќе ви биде одличен избор за на плажа. Заменете ја платнената или гумена торба за плажа со ваква плетена и во неа ставете сѐ што сакате да земете со вас додека се релаксирате.

И модниот бренд „Клое“ се приклони кон ваквиот тренд, создавајќи торби што се комбинација од плетени прачки и кожа, како и „Мајкл Корс“, „Селин“ и други. Интересно и примамливо, особено ако сакате да пробате нешто ново во вашиот стил.

Објавено:
14 јуни 2016
Категорија: 
Модни додатоци
Прочитано:
2.095 пати