Џими Чу одговара каков треба да биде женскиот чекор

25 февруари 2014

Новата Џими Чу колекција за есен-зима 2014/15, која беше промовирана на 22 февруари за време на модната недела во Милано, трасираше една нова насока за тоа како треба да изгледа женскиот чекор. Под креативно водство на Сандра Чој, оваа етикета презентираше модели на обувки и чанти кои се во согласност со брзото и динамично секојдневие на жените, оставајќи ја гламурозноста и сјајот на црвениот килим зад себе.

За студената сезона брендот Џими Чу одлучи во своите креации да вметне многу тантела, со што го задржа духот на класичната елеганција, чевли со средна големина на потпетици и дизајн на популарните салонки. Ниски чевли со тап шпиц, главно изработени од плиш во комбинација со скапоцени камења и панделки. Чизми до глужд и под колена направени од превртена кожа и крзно. Рамните чизми во стилот на популарните мартинки не изостанаа. Тие гласно говорат дека на жените „очајно“ им  треба удобна чевла со која ќе можат да го забрзаат своето секојдневие. Што се однесува до боите, модната куќа остана доследна на „зимските“ нијанси, кафена, црна, кралско сина, темно црвена, металик тонови и нормално популарниот животински принт.

„Сакав да ги нагласам различните карактери и физички трансформации кај секоја жена. Во денешното општество жената игра многу улоги, дел од нив се гламурозни, па мораат да носат чевли со високи потпетици, некои бараат посмирен пристап, за што им требаат рамни обувки, некогаш станува збор за спој помеѓу домашни и работни обврски, па им треба нешто откачено или спортска елеганција. Се додека една жена поседува силна модна волја и знае како да воспостави баланс помеѓу секојдневието и стилот, тогаш имаме полн погодок“, открива Чој во своето интервју за Now Fashion.

Кога станува збор за чантите, имаме една хармонија во поглед на изборот на материјали особено оние кои се изработени од крзно. Фокусот падна на крзната од лисица, зајак и газела. Чантите имаат и метални додатоци и долги синџири за да се носат преку рамо. Во однос на големите, генерално чантите кои се изработени од крзно се во форма на клач, а поголемите во „вреќаста“ и трапезоидна форма се направени од кожа.

„Анализирајќи ги жените, а тргнувајќи и од себе , сакав со овие модели на чанти да го нагласам префинетото чувство во поглед на изгледот, инвентивната употреба на материјали, фантастичните форми и нормално квалитетот во изработката“, вели Чој.

Објавено:
25 февруари 2014
Категорија: 
Модни додатоци