Како се создадени култните „Шанел“ чевли?

12 јануари 2022

Колор-блок чевлите на модната куќа „Шанел“ се култни обувки кои не губат на својата актуелност. 

Создадени се во 1957 година, а креирани токму од Коко Шанел. Нејзината идеја при создавањето била да има обувки кои совршено ќе одговараат и на црн фустан, но и на костим. Обувки што ќе можат да се носат од утро до вечер.

И успеала во својата намера. 

„Наутро одите во беж и црна боја, а потоа вечерате во беж и црна боја, па одите на коктел во беж и црна боја. Облечени сте од утро до вечер“, велела Коко кога првпат ги презентирала овие обувки кои жените ги обожуваат.

Зошто токму таква комбинација на бои?

Дизајнот е таков за визуелно да го скрати женското стапало, за да изгледа поженствено, додека црниот врв бил поставен од практични причини - против брзото упропастување на чевлите при носењето. Да биле комплетно беж, црните дамки и гребаници ќе биле далеку повидливи. 

Години подоцна, ниту Карл Лагерфелд не се откажа од оваа естетика, напротив, за сезоната 2015 направи редизајн на култните чевли и рече: „Ова се најмодерните обувки некогаш направени и стапалата во неа изгледаат прекрасно“.

„Шанел“ не се откажува од својата традиција, па овој модел се најде и во колекцијата од Висока мода за 20/21, како и во ресорт колекцијата за 2021, во „Мери Џејн“ верзија.

 

Објавено:
12 јануари 2022
Категорија: 
Модни додатоци
Прочитано:
470 пати