Во последно време станавме сведоци на се поголемото афирмирање на современата уметност и нејзините правци во модниот свет. Модните дизајнери  огромното влијание кое уметноста го изврши во модната индустрија го имплементираа во своите колекции. Раф Симонс за последната промоција на својата колекција соработуваше со талентираната Стерлинг Руби, Миуча Прада, за изработка на нејзината пролетно-летна колекција соработуваше со дури шест уметници, а Карл Лагерфелд пак, беше инспириран од неверојатно богатата модна историја на модната куќа Шанел, па реши сам да создава ремек дела, кои можевме да ги видиме аплицирани на неговата линија за претстојната жешка сезона.

Главната тема на колекцијата модни додатоци кои Александар Арутјонов ги промовираше пред извесен период, црпи идеи од работата на младите руски и грузиски уметници . За изработка на лимитирана серија на торби и ранци тој го искористи работниот опус на Константин Федоров, Александра Никифорова и Ана Марија Пангилинан.

„За мене како дизајнер, од особено голема важност е просторот во кој живеам и творам да не наликува на безличен куп бели ѕидови, па затоа почнав да купувам уметнички слики, особено од млади и талентирани уметници. Живеејќи во еден таков свет не можев, а да не паднам во „искушение“ на нивната убавина и неверојатниот спој на бои, форми, лица и природа“, вели дизајнерот.

Ние исто така не можевме да им одолееме на ранците кои не навратија на спомените од безгрижното детство, па затоа во продолжение погледнете ја галеријата и одберете го вашиот фаворит:

Објавено:
22 март 2014
Категорија: 
Модни додатоци