Кралот на чевлите ви подготви откачени есенски модели

4 септември 2013

Фамозната Сара Џесика Паркер му обезбеди почесно место во ложата на модни икони и го направи планетарно популарен овој шпански дизајнер кој пак оваа фама достојно  ја оправда и се докажа како вистински мајстор во својот занает.

 

 

Маноло Бланик неодамна ја лансираше својата нова линија на чевли, чизми и обувки со високи потпетици со кои ќе газиме во нареднава есенско-зимска сезона. Инспирацијата е од 70-тите години кои се само водечка нишка во колекцијата која е спектакуларна, модерна и тренди. Неговите нови дизајни имаат средно тап шпиц и кај повеќето се забележува тенката потпетица која е и заштитен знак на овој креатор. За да се „облечат“ чевлите користени се плишот, кожата, светкави ткаенини, твид, украси од метал, крзно, како и ремчиња. Некои од моделите наликуваат на чевлите од британската кралска доба, кои се одликувале со ниска потпетица и панделка напред и обично ги носеле мажите, но дизајнерот овие модели ги наменил за жените реставрирајќи го комплетно нивниот изглед. Кога сме веќе тука, андрогениот стил е се поприсутен, така да оваа сезона не се знае кои се машки, а кои женски модели на чевли.

 

 

Чизмите се едноставни рамни и високи, а оние со средна висина се поелегантни изработени од сатен, на кој им се додадени копчиња и личат на чевла-корсет издание, што е прилично интересно. Некои од моделите имаат искривени рабови кои завршуваат со шпицови и прават самиот модел да наликува на ракавица за нозе, а не на чевла, со што го истакнува инвентивниот дух на  дизајнерот.

 

 

Палетата бои што се користени при создавањето на оваа приказна се сива, кафена,жолта, суптилна црвена, сина, бела, беж, златна сребрена и црна. За разлика од другите сезони пастелните нијанси се поприсутни во дизајните  на чевлите што им дава една необична колоритност и можност за комбинирање на нови модни мозаици. Принтовите не заостанаа во колекцијата на Бланик, црно белите нијанси, точки и квадрати се разбиени со силна боја, која ги прави впечатливи, колор блок дезенот и другите геометрски отпечатоци исто така имаат свое место во линијата, а она што е мошне интересно е што кај некои од моделите потпетицата завршува со мало квадратче, па така чевлите кои се креирани од Бланик стануваат ориганални и уникатни.

Како и да е, Маноло не нè разочара, уште еднаш ја оправда довербата, затоа погледнете ја галеријата и восхитувајте им се  на новите модели:

Објавено:
4 септември 2013
Категорија: 
Модни додатоци