Луксузна колекција на модни додатоци во дизајнерските изложбени салони во Лондон

18 февруари 2014

Во рамки на лондонската модна недела, поставени се и голем број на изложбени салони каде дизајнерите можат да прикажуваат одбрани парчиња од своите колекции на облека, накит, чевли, шапки, плетеници и што уште не.

Оваа година, токму во тие изложбени салони имаше навистина многу да се види. Млади анонимни, но и некои веќе познати дизајнери, прикажаа дел од своите колекции со кои сакаа да доближат чекор поблиску до нивните купувачи и обожаватели, но и до медиумите.

Во рамки на лондонската модна недела што се одржува од 14 – ти до 18 – ти февруари, во изложбените салони можевме да ја видиме работата на вкупно 56 нови дизајнери во обид да ги прикажат своите дела.

Како девојки – обожавателки на чантите, секако најзабележителна ни беше одличната колекција чанти на британската дизајнерка Лина Хамед која од 2008 година работи под името „Аналена“. За сезоната есен-зима 2014/2015 таа прикажа неверојатна колекција чанти од крокодилска кожа во неколку бои и модели. Дизајнерката за сите парчиња од есенската колекција, ја имаше нејзината веќе добро позната „The Chancellor“ чанта, на која и направи одлични модификации и создаде нешто безвременско. Според неа, токму лондонската недела на мода и ваквите изложбени салони се местото каде може да се прикажат голем број на таленти, иновација и креативност.

Analeena

„Тука нема граници и секогаш може да се види нешто свежо и ново“, вели дизајнерката.

Што се однесува до шапките, мораме да кажеме дека можеби најлудата колекција што досега сме ја виделе беше во одличниот изложбен салон на неверојатниот Пјерс Аткинсон. Ексцентричниот дизајнер, познат по својата шапка – цреша која направи вистински бум, овојпат за сезоната пролет/лето 2014 ни носи супер свежи и креативни шапки какви што не сме виделе досега. Оваа пролет, британските обожавателки на шапки ќе може да уживаат во неговите „откачени“ парчиња како оние со животински очи, со мајмунче, со панделка, со дијамантски цреши, со коњи, но и во оние поелегантните и секако, секојдневни шешири.

Piers Atkinson

Одлична колекција накит во која беа вклучени прстени, бразлетни, ѓердани и прстени во златна боја и од одличен материјал, претстави и британската дизајнерка Имоген Белфилд. Нејзините добро познати прстени веќе ги носеле и некои од големите ѕвезди, обожавателки на накит како Ума Турман и Џорџија Меј Џегер. Младата дизајнерка вели дека според неа, идеалниот клиент е секој оној кој сака да отстапува од договорот, оној кој има посебна искра во душата и желба заедно да создадеме нешто уникатно.

Imogen Belfield

Младата Парижанка Клео Ферин која своите студии ги заврши во Лондон и има соработувано со брендови како Александар Меквин, прикажа навистина прекрасна колекција на марами во свежи бои за сезоната пролет/лето 2014. Сите парчиња од колекцијата беа сосема ретро и со одлични бои со кои секоја девојка ќе блесне во текот на топлите денови.

Cléo Ferin Mercury

Одличните девојки Стефани и Никола Бал од брендот Halo & Co за пролет/лето 2014 ја прикажаа можеби најубавата и најколоритна колекција накит. Буквално секое парче од свежата палета е нешто што секоја девојка би посакала да го има дома. Нивниот накит според многумина, зрачи со одлични вибрации и неверојатен гламур, правејќи го секој ден специјален и посебен.

Halo & Co

Британката Џо Хејс и овојпат инспирираше многумина со нејзиниот навидум едноставен, но сепак блескав и модерен накит со неверојатна живост. Како што и самата дизајнерка посочува, нејзино најголемо обележје се уникатните прстени конструирани од илјданици мали коцки. Со слични такви, таа не почести и во нејзината пролет/лето 2014 колекција која зрачи со уникатност и која како да е создадена само за специјални девојки!

Jo Hayes Ward

 

Уживајте!

Објавено:
18 февруари 2014
Категорија: 
Модни додатоци