Најдобрите линии на чевли дизајнирани од славните холивудски диви

30 септември 2014

Изборот на прекрасен чифт чевли може дa му даде сосема друга димензија на вашиот изглед, да ви ја зголеми самодовербата и од вас да направи моќна жена која во создавањето на модните визии тргнува пред сè од своето чувство за мода. Дали поради фактот што имаат многу пари, па сакаат да ги вложат во свој сопствен бизнис, дали поради својот талент или поради огромната желба да бидат единствени и поинакви од другите, голем број познати холивудски диви имаат создадени исклучителни колекции на чевли. Нивните кампањи, инвентивните модели и необичните дизајни се омилен моден додаток на голем број дами во светот. Затоа денес решивме да направиме кратка листа на најдобрите „дизајнерки“ чии линии на чевли со сигурност им пркосат дури и на еминентните дизајнерски имиња во модниот свет.

„SJP“ – Сара Џесика Паркер

Сосема очекувано листата ја стартуваме со актерката Сара Џесика Паркер, која пред извесно време ја лансираше втората колекција чевли во соработка со компанијата Norsdstrom. Според мислењето на модните експерти втората колекција дефинитивно ги исполнува стандардите на ликот Кери Бредшо кој и донесе светска слава на Паркер. Имено, „SJP“ на Сара Џесика Паркер е создадена со помош на извршниот директор во Маноло Бланик, Џорџ Малкемус. Во чест на мега серијата која ја направи ѕвезда „Сексот и градот“, каде Паркер ја играше главната улога на новинарката Кери Бредшо, голем дел од моделите чевли се именувани по ликови од самата серија. Обувките потпишани од актерката може да ги најдете по цени од 200 долари, па се до 600 долари за чизми.

„Dereon“ – Бијонсе

Со неверојатно разумни цени на модели кои чинат од 50 до 100 долари, „Dereon“, чевлите се дел од малото модно царство „House of Dereon“, брендот на црномурестата пејачка која има милион обожаватели ширум светот- Бијонсе. Всушност создавањето на овој моден бренд почнува во 2004 година кога пејачката и нејзината мајка решаваат да ги здружат силите и талентот за на светот да му ја понудат својата перцепција за модата. Нивната линија на обувки, вклучува елегантни чевли на висока потпетица, рамни модели, но и чизми до глужд,  декорирани со впечатливи апликации.

„GX“ – Гвен Стефани

По повеќе од една деценија дизајнирање облека и модни додатоци под псевдонимот L.A.M.B, Гвен Стефани создаде капсулна колекција чевли за Shoedazzle.com. За разлика од нејзините L.A.M.B модели на чевли чии цени се движеа од 100 – 500 долари, новата колекција не ја надминува цената од 50 долари за модел. Чизмите до глужд, чевлите на платформа и на екстремно високите потпетици ги краси исклучително смел дизајн и комбинации на храбри нијанси кои впрочем одлично соодветствуваат со „откачениот“ карактер на пејачката.

„House of Harlow 1960“ – Никол Ричи

Ако бохо- шик стилот е насоката која е олицетворение на вашиот стил кога е изборот на чевли во прашање тогаш  со сигурност ќе ви се допаднат дизајните на Никол Ричи која твори под етикетата „House of Harlow 1960“. Успешно мешајќи ги ретро вибрациите со модерните тенденции, Ричи во својата плејада на обувки вклучува и апостолки, сандали, чевли и чизми. Цените за модел на обувки со потписот на Никол Ричи се движат од 40 – 100 долари.

„JLO“ – Џенифер Лопез

Друга славна дива која е „опседната“ со дизајнирање на чевли е позната пејачка, актерка и танчарка Џенифер Лопез. Колекцијата обувки со лого „JLO“ вклучува гламурозни модели, несекојдневни дизајни и кежуал креации. Во рамките на оваа линија нема да најдете чевли кои ќе ве чинат повеќе од 70 долари.

„HK“ – Хајди Клум

Ако сте во потрага по гламурот на Златното доба на Холивуд, тогаш колекцијата чевли „HK“ на супер моделот Хајди Клум е вистинскиот избор за вас. Покрај нејзината линија на облека, Клум е активна и на полето на дизајнирање чевли. Нејзината колекција содржи навистина богата палета на модели почнувајќи од кломпи, па се до чизми. Цените на дизајните се движат околу 100-200 долари.

„Fergalicious“ и „Fergie Footwear“ – Ферги

Со две свои линии на обувки, поранешниот вокал на групата „Блек Ајд Пис“, Ферги, дефинитивно знае како да ги освои срцата на купувачите. Со цени кои се движат од 30 до 140 долари, нејзините колекции се дефинитивно едни од најпродаваните не само поради достапните цени туку и поради трендовскиот дизајн и модерниот изглед. Пејачката особено е талентирана во создавањата на прекрасни модели чизми до глужд. Нејзините секогаш свежи идеи се во комплетна хармонија со светските тенденции и на големо го освојуваат модниот пазар.

„Truth or Dare“ – Мадона

Линијата обувки на Мадона официјално беше лансирана во 2012 година, насловена „Truth or Dare“ и беше окарактеризирана како една од најдобрите линии за чевли дизајнирана од славна личност. Аплаузот за одлично сработената работа делумно е наменет и за Аријана Филипс која директно беше инволвирана во нејзиното создавање. Цените на моделите се движат од 70 – 100 долари, а во фокусот на колекцијата се балетанките, рамните чевли, како и таквите на висока потпетица.

Jessica Simpson Shoes – Џесика Симпсон

Проширувајќи го нејзиниот моден бизнис на обувки  во 2006 година со помош на ко-основачот на брендот „Nine West“, Винс Камуто, Џесика Симпсон изгради вистински импресивна етикета која како таргет група ги има младите девојки. Со цени од 50-200 долари нејзините модели чевли се неверојатно стилски, модерни и уникатни.

„Ivanka Trump Collection“ – Иванка Трамп

По своето деби во 2010 година, колекцијата потпишана од Иванка Трамп, брзо стана една од најпосакуваните линии, благодарение на нејзиниот сооднос цена - квалитет. Колекцијата чевли на Трамп, како и онаа за накит го делат истиот софистициран и гламурозен изглед и нормално имаат одлични цени.

 

Објавено:
30 септември 2014
Категорија: 
Модни додатоци