Покрај одличните дизајнерски колекции прикажани на модните недели во Лондон, Милано и Париз, исто толку фасцинантна мода паралелно беше прикажана и низ улиците на најмодерните градови во светот.
Модните блогерки, уредничките и моделите низ улиците можевме да ги видиме во нивните најбеспрекорни комбинации, секоја засебно со посебен и уникатен стил.
Покрај свежите парчиња од последните прикажани колекции, девојките и момците не ги заборавија и одличните модни додатоци што беа полн погодок за крунисување на и онака одличните комбинации.
Нивните модни додатоци беа составени од тренди чанти по последна мода, претежно од крзно или пак со задолжителни крзнени додатоци. Кај модните уреднички, па и кај моделите задолжителни беа и темните очила за сонце во најразлични форми и со најразлични фенси украси.
Можеби најголем впечаток низ улиците оставија одлично одбраните чевли, кај кои дефинитивно доминираа рамните оксфордки, особено оние на модната куќа Селин. Покрај рамните, низ улиците можеа да се видат и многу девојки кои на одличен начин ги комбинираа сандалите со соодветни чорапи што им даваа една поинаква, урбана димензија.
Што се однесува до накитот, омилени кај девојките се чини дека беа волуменозните ѓердани и алки, но и впечатливите обетки. Бисерите кај накитот и златната боја беа присутни скоро кај сите девојки што прошетаа низ улиците во текот на модните недели.
Никако нема да погрешите доколку заминете во шопинг и се снабдите со модни додатоци со многу крзно, метали, принтови и светли бои.
Во продолжение погледнете ги највпечатливите модни додатоци од улиците на Лондон, Милано и Париз и инспирирајте се за пролетта што ни е на прагот.