Мерилин Монро во една прилика изјави дека дијамантите се најдобрите пријатели на жените, а припадничките на понежниот пол гордо го потврдија тоа. Некако со децении наназад се провлекува оваа девиза која што на дамите им е доволен предизвик но и мотив за да си купат некое уникатно парче накит плус. Сепак, за да бидете вистинска дива треба да знаете дека вашата кутија за накит мора да поседува неколку оригинални парчиња накит кои што ќе имаат уникатна изработка, несекојдневен дизајн и ќе почиваат врз модните начела на класиката. Затоа денес решивме да ви презентираме неколку прачиња накит кои што оправдано се закитија со епитетот безвременски и секогаш во тренд.

Нежен и едноставен ѓердан

Една дама не треба само да биде убава, туку во својата колекција на накит да поседува барем еден ѓердан кој што има едноставен дизајн, нежен изглед и елегантен сјај. Овој модел на ѓердан одлично би се сложил со некоја вечерна комбинација на коктел фустан и потпетици.

Масивна кожена алка украсена со метални детали

Не е пишано правилото дека секоја жена и девојка треба да изгледа нежно и елегантно. Сите ние во себе криеме алтер его на бунтовник што понекогаш сака да излезе на површина и буквално да откачи во позитивна смисла секако. Доколку одите на некоја рок журка со вашата кожна јакна комбинирајте ваков дизајн на алка.

Луксузни и впечатливи обетки

Сосема очекувано  вашата колекција накит да вбројува барем еден пар на скапоцени обетки кои што пленат со својата впечатливост и сјај. Тие се совршен избор кога станува збор за некоја исклучителна свечена пригода каде треба да брилирате.

Впечатлив и колоритен ѓердан

Како што е случајот со обетките, истото се однесува и на изборот на ѓердан. Ваквите гламурозни дизајни на ѓердани не можат да поминат незабележано, па затоа ве советуваме да ги комбинирате со едноставни и еднобојни парчиња облека.

Мноштво прстени

Секоја девојка па и жена треба задолжително да поседува инвентивен прстен кој што претставува спој од повеќе прстени со иста форма. Без разлика дали сте свечено или лежерно облечени овој прстен е еден од тие модели кои што одговараат во секоја пригода.

Пар обетки во форма на тенки алки

За да изгледате слатко и елегантно меѓу другото во вашата кутија за накит треба да се наоѓаат и пар обетки во форма на алки со златна боја. Идеално би било доколку во својот дизајн имаат вметнато и некој интересен детаљ на светкаво камче кое што ја нагласува префинетоста на изгледот. Одлично би се вклопиле во вашите секојдневни работни аутфити.

„Позајмете“ го часовникот на вашето момче

Последните трендови диктираат андрогеност во креациите. Машкастиот стил не е во фокусот само на облеката, туку и во изборот на накит. Часовникот на вашето момче може да ви послужи како впечатлива алка на рака која што ќе можете да ја комбинирате буквално со секоја комбинација.

Мали и едноставни обетки

Ако се водите според мотото дека „less is more“, тогаш малите обетки со едноставен дизајн и изглед се вистинското решение за вас. Но и да сте некој голем фан на ваквите модели сепак, како вистинска дама и модна икона треба да имате барем еден пар ваков модел на обетки во вашата колекција.

Голем, впечатлив и брилијантен прстен

Понекогаш е подобро кога правите комбинации да се одлучите за едно парче накит кое што ќе ги исполни сите ваши очекувања. Голем, масивен прстен украсен со камен во некоја впечатлива боја е одлично решение со кое ќе го надополните вашиот стајлинг.

Романтична и едноставна алка

Малите алки и едноставни модели на алки што ги купувавме додека бевме деца, а беа симбол на вечно пријателство се дефинитивно уште едно парче накит кое треба да го поседувате. Таа одговара со сите можни бои и комбинации и секогаш е во тренд.

Објавено:
13 мај 2014
Категорија: 
Модни додатоци