Алек Болдвин усмрти колешка и рани режисер при снимањето на филмот „Rust“

22 октомври 2021

Сигурни сме дека утринава не ве одмина веста дека Алек Болдвин на снимањето на филмот Rust усмрти колешка и го рани режисерот.

И веројатно повеќето од вас доживеаја дежа ву од 1993 година, кога на сличен начин беше усмртен и синот на Брус Ли, Брендон.

Имено, инцидентот со Болдвин се случил на снимањето на независниот игран филм „Раст“, се вели во соопштението на шерифот на округот Санта Фе.

„Канцеларијата на шерифот потврдува дека две лица биле застрелани за време на снимањето на филмот „Rust". Директорката на фотографијата Халина Хачинс (42) и режисерот Џоел Соуза (48) беа застрелани кога продуцентот и актер Алек Болдвин (68) испука куршум од реквизит. Детективите истражуваат како и кој вид проектил бил испукан“, се вели во соопштението.

Инаку, како пренесуваат странските меидуми, Хачинс била пренесена со хеликоптер во болницата на Универзитетот во Ново Мексико, каде што била констатирана смрт, додека Соуза со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во регионалниот медицински центар.

По повод ситуацијата се огласи и портпаролот на Болдвин, кој потврди дека имало несреќа на снимањето, во која дошло до грешка при пукање од пиштол со ќор-фишеци.

Од друга страна, „Њу Мексикан" од Санта Фе, објави дека Болдвин бил виден во четвртокот пред канцеларијата на шерифот во солзи, но дека не успеале да добијат никаков коментар од актерот.

„Гардијан“ пренесува дека Болдвин доброволно дошол да разговара со истражителите и дека по разговорот со нив си заминал.

Сè уште се истражува пукањето и како дошло до немилиот настан, па затоа и сè уште не е поднесено обвинение во врска со инцидентот.

По повод трагедијата се огласи и семејството на Брендон Ли, преку Твитер нагологот кој го носи неговото име, а го користи неговата сестра Шенон, порачувајќи „Нашите срца се со семејствата на Халина Хачинс и Џоел Соуза и сите кои се инволвирани во инцидентот на снимањето на „Rust“. Никој никогаш не треба да биде убиен од пиштол на филмски сет. Точка.“.

 

За потсетување, синот на Брус Ли беше убиен на сет на снимањето на филмот „The Crow“ во 1993 година. Актерот Мајкл Мејси го упукал Брендон во абдоменот, како дел од сцената. Но, многу кратко потоа се покажало дека во пиштолот немало лажни, туку вистински куршуми. Ли веднаш бил префрлен во болница, каде со часови се обидувале да му помогнат, но тој на крајот им подлегнал на повредите. Несреќата се случила две недели пред неговата свадба, а Мејси после оваа трагедија никогаш веќе не се вратил на актерството и не ја продолжил кариерата.

Тогаш се поставуваше прашањето дали се работи за убиство или несреќа, а вакви гласини се поттикнати и овој пат.

„Твитер“ гори од реакции: „Зарем ништо не научивме од Брендон Ли“, „Дали ова некој го намести Алек Болдвин“, „Каква трагедија со која ќе треба да живее до крајот на животот“, „Сочувствувам со Алек Болдвин, ова е страшно“, „Ќе ја сочувам својата емпатија додека не го сврти ова во политички цели“, „Дали ова е навистина несреќа?“ , „Како е можно да повредиш двајца луѓе истовремено, и да биде несреќа“, „Ова беше само прашање на време“, се само дел од коментарите.

Објавено:
22 октомври 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
6.228 пати