Алесандра Амброзио - куфер полн мода!

9 април 2014

И покрај тоа што има бразилско потекло, сепак моделот со светска слава Алесандра Амброзио јавноста ја знае како калифорниска девојка. Амброзио својата кариера како модел ја стартува од мали нозе, поточно на само 12 години и оттогаш станува една од миленичките во модните кругови, газејќи по пистите и позирајќи пред објективите на голем број познати модни дизајнерски и фотографски имиња.

Станувајќи дел од ангелското семејство на брендот за долна облека Викторија Сикрет, Алесандра се најде и на листата кое секоја година ја објавува списанието Forbes како една од најскапо платените манекенки. Нејзиниот лежерен стил и комбинирањето на кратки искинати тексас панталони со висок струк и комотни маички стана омилен моден избор на голем број девојки во светот.

Топ моделот изминатиов период ексклузивно реши да ги изненади своите обожаватели и љубопитни фанови. Во опуштена атмосфера во хотелот The Peninsula Beverly Hills“,  донесе куфер полн со нејзините омилени парчиња облека, накит, чевли и модни додатоци и покажа дека и покрај славата која ја ужива важи за девојка која негува лежерен и едноставен стил. Креативната замисла на фотографот кој работи за списанието The Coveteur раскажа инвентивна модна бохо приказна инспирирана од амбиентот на хотелот.

Алесандра открива дека омилени и се сандалите во бежова нијанса потпишани од Џузепе Ѕаноти, шеширите во федора стил, едноставниот нежен накит со индијански и пролетни мотиви, долгите лелеави модели на фустани со весели отпечатоци и нејзината прва и единствена љубов џинс парчињата.

Објавено:
9 април 2014
Категорија: 
Сцена