Австралијките Кајли Миног и Никол Кидман највпечатливи на црвениот килим на GQ наградите

4 септември 2019

Годишните награди на магазинот „GQ“ за „Маж на годината“ се одржаа вчера и тоа по 22 пат. Освен Бекамови, кои дефинитивно беа во центарот на вниманието, по црвениот килим зачекорија и голем број други познати личности.

Меѓу нив беа и Австралијките, Кајли Миног и Никол Кидман. Со оглед на разликата во висина, нивната заедничка фотографија навистина беше хит на социјалните медиуми.

Но, и креациите што ги носеа беа вредни за внимание.

Кајли Миног се појави во асиметрична креација на „Ралф и Русо“, во горниот дел украсена со скапоцени камења. 

Од истата модна куќа беше и тоалетата во окер нијанса на Никол Кидман. Со долги ракави и околувратник, а украсена со скапоцена тантела, Кидман повторно доминираше на црвениот килим, но не може да не се забележи дека акетрката е послаба од било кога.

И Рита Ора го привлече вниманието, но на сосема друг начин. Таа се појави во градник со тантела, која ја искомбинира со здолниште во сличен стил.

Наоми Кембел многумина ги изненади бидејќи се појави во комбинација во која воопшто не се ни гледа кожа.Панталони во пастелно сина нијанса ги искомбинира со бела кошула и наметка во истите нијанси, а со потпис на „Диор“.

Креација на Алесандра Рич беше изборот на Charli XCX . Црниот фустан со впечатлива тока е одличен и сигурен избор за свеченост.

Ел Фенинг пак, се појави облечена во креација на „Долче и Габана“. Се работи за долг фустан со 3Д цвеќиња, тренд кој веќе одминува и во кој актерката изгледа досадно.

Вини Харлоу се појави во одело со потпис на „Прада“ и изгледаше шик и модерно, а ни се допадна и комбинацијата на Аризона Мјуз.

Во поглед на наградите, освен Дејвид Бекам, со признание од магазинот дома си отидоа и Иги Поп - за животни достигнувања, Ким Џонс - за дизајнер на годината, Никол Кидман - за актерка на годината, Кајли Миног - Икона, а комплетната листа можете да ја погледнете ТУКА.

Како изгледаа останатите, погледнете во продолжение:

Објавено:
4 септември 2019
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
3.043 пати