Вчеравечер во Лондон, во престижниот Royal Albert Hall, се одржаа 72-те по ред Британски филмски награди (BAFTA), паралелно додека во Лос Анџелес се доделуваа музичките награди Греми, па затоа и познатите што беа номинирани и на двете листи се поделија во однос на нивното присуство.
Па така Лејди Гага го освои целото внимание на црвениот килим во Лос Анџелес, додека нејзиниот партнер од „A star is born", Бредли Купер заедно со сопругата Ирина Шајк присуствуваа на доделувањето на BAFTA наградите.
На победничката листа триумфираше филмот "The Favourite", што го освои највисокото признание за најдобар филм, но и уште неколку други награди за продукција, костимографија, најдобра главна женска улога за актерката Оливија Колман, како и најдобра споредна женска улога за Рејчел Вајз.
Рами Малек во низата награди за најдобра главна машка улога за портретирањето на Фреди Меркјури во „Bohemian rhapsody", сега ја додаде и статуетката од BAFTA што е уште еден чекор поблиску до златниот Оскар.
Гламурот и раскошот на црвениот килим и годинава беа неприкосновани. Кејт Бланшет, Маргот Роби, Рејчел Вајз беа меѓу актерките кои се издвојуваа со својата елегантна и женствена појава, а меѓу гостите на престижиот настан се појави и кралската двојка Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, која изгледаше префинето во асиметричен лелеав, бел фустан.
Како изгледаше остатокот од црвениот килим, погледнете во галеријата.
Фото: people.com