Балканската промоција на „Ван Гог“ започнува од Скопје

5 мај 2014

Популарниот  белградски рок бенд  „Ван Гог“  на 8-ми  мај (четврток), токму од Скопје, ќе ја започне својата голема балканска промоција на новиот албум „Неумерен у свему“. Освен Скопје, планирани се речиси сите поголеми градови на просторите на поранешна Југославија.

-Промоцијата ја замисливме како своевидно дружење, лице в лице со нашите фанови, вели Звонимир Џукиќ Џуле, фронтменот на групата. Сакаме да размениме мислење, енергија, да се дружиме. Наместо класичнопреслушување на песните од новиот албум, ние дел од нив ќе ги отсвириме во живо, вели Џуле.

Македонските фанови за прв пат ќе имаат можност да ги слушнат „Ван Гог“ во анплакт варијанта. На промоцијата ќе биде промовиран и третиот спот од новиот албум, за песната „Прва и последња кап“. Промоцијата ќе се одржи во холот на Скопје Сити Мол, со почеток во 19 часот. За најверните фанови на групата ќе биде организирана игра, на која ќе се поделат 100 примероци од новиот албум.

Возбудени сме што доаѓаме во Скопје и со нетрпение ја очекуваме средбата со нашите фанови, велат од групата. Во Македонија секогаш сме имале незаборавни настапи! Не случајно и првиот настап со новиот албум ни беше токму тука, во Вевчани, изјавува фронтменот.

Промоцијата е од отворен карактер а поканети се сите фанови на групата „Ван Гог“ и пријатели на добрата мзуика.

Објавено:
5 мај 2014
Категорија: 
Сцена