Блејк Лајвли на безвременски портрети како софистицираната Аделајн

13 март 2015

Прекрасната актерка Блејк Лајвли ја толкува улогата на безвременската Аделајн во новото филмско остварување „The Age of Adaline“, чија премиера ќе се случи на 24 април годинава.

Во пресрет на премиерата на филмот на Ли Толанд Кригер, беа објавени одлични постери на кои можеме да ја видиме актерката во одлични стајлинзи од 1930 – тата година па наваму.

На истите и повеќе од очигледна е еволуцијата на стиловите низ годините, кои впрочем на неа не и можат ништо откако таа ќе доживее сообраќајна несреќа по која нема да старее ниту ден повеќе.

„Она што таа го носи во 40 – тите, е нешто што и денеска може да се носи, таа секогаш одбира безвременски работи. Целата тематика на филмот изгледа како вистинско остварување на желбите на жените да не стареат и целиот живот да изгледаат исто. Во свет полн со убавина и суета, има нешто навистина свежо и убаво во оваа приказна и пораката што ја носи, а која е поврзана со убавината на стареењето“, вели стилистката на актерката во филмот, Ен Керол.

Филмот имено раскажува приказна за прекрасната Аделајн Боуман која е „заглавена“ на 29 години речиси осум децении. Таа е жена која го живее животот со полна пареа, никогаш не дозволувајќи некој да и се доближи.

Во еден момент од животот, таа ќе го сретне шармантниот Елис Џонс со кого ќе доживее неверојатна страст и љубов кои ќе ја доведат до ситуација да ја открие нејзината животна тајна и да донесе одлука што ќе и го промени животот засекогаш.

Објавено:
13 март 2015
Категорија: 
Сцена