Џејми Ли Кертис 22 години трезна: Бев во војна со себе, а не бев свесна

5 февруари 2021

Актерката Џејми Ли Кертис вчера на својот инстаграм профил сподели фотографија и искрена исповед за нејзината зависност од алкохол.

„Некогаш одамна... во далечна, далечна галаксија... бев млада ѕвезда во војна со себе. Тогаш не бев свесна, не знаев. Грабев сè и го држев тоа скриено. Бев болна како и моите тајни. Со Божја милост и поддршка на голем број луѓе, кои можат да се поврзат со сите тие чувства, како и неколку ангели на трезноста... успеав, ден по ден, да останам трезна веќе 22 години. Не бев од оние кои само ќе го допрат дното, па оваа, една од ретките фотографии на која со гордост пијам, ми користи како потсетник, да не заборавам. Сите кои се борат и оние кои се на тој пат... Мојата рака во вашата“, напиша Кертис, мислејќи со последната реченица на својата хуманитарна организација „My Hand in Yours“.

Инаку, познатата актерка не е единствената во семејството која водела ваква борба. Нејзиниот татко, актерот Тони Кертис се борел со зависност од алкохол, кокаин и хероин, а полубратот Николас Кертис, во 1994 година починал од предозирање со хероин.

Во 2018 година, за магазинот „Пипл“ Џејми за првпат проговори за својата десетгодишна зависност од опиоди, откривајќи дека во 1989 првпат ѝ биле препишани опијати, како терапија после мала пластична корекција на очите.

 

Следните десет години таа земала таблети против болки, доаѓајќи до нив на сите можни начини, дури и крадејќи од пријатели и семејството. Ги крадела и од постарата сестра Кели, која и прва дознала за нејзината зависност во 1998 година.

„Десет години успевав да го кријам својот проблем и кражбите и никој не знаеше ништо. Го прекинувам кругот кој уништи генерации во моето семејство. Трезвеноста е моето најголемо достигнување, поголемо и од мојот сопруг, деца, поголемо и од било која услога, успех и неуспех. Поголемо од сè“, изјави тогаш Кертис.

Објавено:
5 февруари 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
998 пати