Неодамна магазинот „Тајм“ ја објави листата на највлијателните луѓе за 2018 година, а меѓу 100 – те се најде и музичката дива Џенифер Лопез која го привлече сето внимание со нејзиното појавување на галата каде и свечено им беа доделени признанијата.

На настанот таа се појави со нејзиното момче Алекс Родригез кој ја бодреше и додека таа настапуваше во Линколн центарот со серија хитови кои присутните ги обожаваа.

Гала вечерта беше вистински собир на некои од најголемите ѕвезди од различни области кои сосема заслужено, дома си заминаа со признанијата за највлијателни за годинава што трае.

На црвениот килим се појави и Никол Кидман која како и секогаш блескаше во црна креација заедно со нејзиниот сопруг. Подеднакво прекрасна беше и британската актерка Емили Блант која одбра црна тантелна креација со цветови и беспрекорна шминка и фризура.

Младата актерка Мајли Боби Браун повторно одбра креација за принцеза по кои и досега е позната, овој пат во бела боја со везени цветови по површината.

Во елегантна креација се појави и пејачката Кеша која на настанот дојде во придружба на нејзиниот брат, а женствена комбинација составена од сатенска бела кошула и светкави панталони одбра и познатата Марта Стјуарт која беше меѓу гостите.

Меѓу највлијателните оваа година се најдоа и комичарката Тифани Хадиш, Карди Би, Никол Кидман, Хју Џекман, Гал Гадот, Шон Мендес, Џими Кимел, Гиљермо дел Торо, Доналд Трамп, принцот Хари, Меган Маркл (и тоа во категоријата лидери), Ким Јонг Ун, Емануел Макрон, Џенифер Лопез, Ријана, Роџер Федерер, Опра Винфри и други.

Извор и фото: Daily Mail, USA Today

Објавено:
25 април 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
417 пати