Џил Бајден одбра фустан од Брендон Максвел за првиот ден во Белата куќа

22 јануари 2021

После прославувањето, Џил Бајден, новата прва дама на САД ги започна своите активности во Белата куќа.

Претседателската двојка присуствуваше на утринска церемонија, после што официјално ќе ја започнат својата работа и престој таму.

И конечно моден погодок за 69-годишната Џил Бајден. Фустан од дизајнерот Брендон Максвел е изборот кој сите го пофалија. Минималистички изглед - фустанот има ракави до лакт, ја следи линијата на телото, но не вулгарно, а должината е миди и малку се шири во долниот дел.

Бајден одлучи да го надополни изгледот со долг бисерен ѓердан, чевли на висока потпетица во беж нијанса, што дополнително визуелно ја издолжуваат и секако заштитна маска од истиот материјал и боја како и фустанот.

Инаку, Брендон Максвел беше и еден од омилените дизајнери на Меланија Трамп и е еден од новата генерација дизајнери кои можат да се пофалат со одлична кариера и соработки со личности од А-категорија.

 Единствената примедба што ја имаме овој пат е изборот на боја - повторно е црвено-виолетова и сметаме дека треба малку да престанат да ја форсираат.

Пораката дека тоа е микс од сината и црвената кои се наоѓаат и во државните симболи на Америка, како и дека тоа е боја која се добива од  „републиканската“ црвена и „демократската“ сина (власт за сите), но и како боја која се користела во 1900-тите во кампањите за правата на жените да гласаат беше сосема јасна уште при претходните модни комбинации.

Објавено:
22 јануари 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
10.097 пати