Неодамна магазинот The Hollywood Reporter ја објави листата на 25-те најмоќни стилистки во Холивуд. Секоја од овие жени со својата работа и внесување на нешто ново го заслужува своето место во Холивуд.
И имајќи предвид дека совршено ја познаваат модата и се грижат за беспрекорниот изглед на познатите ѕвезди, нормално е да си помислите и како изгледаат тие и што носат.
Токму затоа во продолжение ќе имате можност да ѕирнете во плакарите на дамите што на листата на The Hollywood Reporter се најдоа во самиот врв:
#5 Јулиа фон Боем
Клиент: Никол Кидман
Jулија ја започнува својата кариера како асистент на Карин Ројтфилд и работи за неа четири години и тоа со најголемите модни имиња како Том Форд и Марио Тестино. Карин денес е кума на нејзиното второ дете, а фон Боем работи како „фриленсер“. Таа поседува уникатна способност да ги набави најпосакуваните парчиња. Таков е случајот и со Никол Кидман, која според модните магазини, конечно излезе од сигурната зона и го привлече вниманието како во 1997 година на Оскарите во креација на „Диор“. Изгледот на актерката во изминатата сезона на награди беше дело токму на оваа млада Германка. Освен Кидман, претходно соработувала и со Лара Стоун, Гвинет Платроу, Кејт Винслет, Џенифер Лоренс.
-Не можам да живеам без моите деца, полначот за Ајфонот, Uber и мојата асистентка. Мојот совет до сите млади стилисти е да веруваат на својот инстинкт. Не сфаќајте се себеси премногу сериозно, но бидете сериозни во врска со тоа што го работите. Што се однесува до мојот стил, ако нешто од некој бренд премногу ми се допаѓа, купувам по две исти парчиња, за да не морам да се грижам дали бргу ќе го оштетам - вели таа.
#4 Елизабет Стјуарт
Клиенти: Вајола Дејвис, Кејт Бланшет, Џесика Честен, Гал Гадот, Аманда Сејфрид
Оскаровката Вајола Дејвис (51) беше една од најтвитуваните ѕвезди од Оскарите. Пред неа е само Џими Кимел. „Нашата сезона беше чиста, силна и колоритна“, изјави Стјуарт во една пригода. Вајола оваа сезона носеше црвена Armani Prive креација, жолта комбинација од „Мајкл Корс“ и сина од Џени Пекам.
Елизабет пак, својата кариера ја започнува во WWD, а потоа следи W magazine, каде е моден уредник и моден уредник во „Њујорк Тамјс“ и тоа цели 14 години. Сега работи во својот дом каде има и студио и се грижи за изгледот на неколку познати ѕвезди и тоа од А-листата. Изминативе години соработувала и со Џулија Робертс како и со Џенифер Лоренс.
Кога е нејзиниот личен стил во прашање, вели дека обожува чевли и ги има во изобилство. Сака фустани и принтови, што ќе се забележи и од фотографиите.
-Започнав во WWD, каде што навистина научив што значи напорно да се работи. Мојот стил пак, би кажала дека е комбинација на стилот на Кејт Бланшет и Џулија Робертс. Носам фустани бидејќи сум мрзелива и само едно парче е потребно за да изгледаш дотерано. Сите мисли ми се насочени кон комбинации за клинетите. Ако погледнете во мојата чанта пак, веројатно секогаш ќе најдете чоколадо. Не можам да живеам без сјај за усни, очила за сонце, моите книги и филмови и бургери. Најдоброто нешто во моја професија е што ниту еден ден не е ист. Еден од моите омилени стајлинзи е изгледот на Кејт Бланшет во 2011 година во „Живанши“
#3 Кејт Јанг
Клиенти: Мишел Вилијамс, Натали Портман, Маргот Роби, Селена Гомез, Дакота Џонсон, Сиена Милер
Оваа стилистка во периодот од 2012 до 2016 година се наоѓа во топ три листата. Таа ги стилизираше Вилијамс и Портман за кампањите на „Диор“ и „Луј Витон“. Кариерата ја започнува како победник на CFDA, во групата со Родарте и Џејсон Ву.
Инаку, таа кариерата ја започнува како асистент на Ана Винтур.
-Луѓето што сакаат да се занимаваат со мода, мора да имаат широко образование и познавања, не само модни. Уметност, архитектура, дизајн, литература... мора да знаете многу повеќе само од тоа како изгледа шоу на Живанши – објаснува Кејт.
Приватно обожува да носи џинс или тесни панталони во комбиација со џемпери или јакни. Едни од омилените чанти и се на Олимпија Ле Тан. Не крие дека во гардероберот има куп облека што не ја носи, но ја чува бидејќи мисли дека е убава. Сака чоколадо, вино и трач-партија со пријателките.
-Првото дизајнерско парче што го купив беа сини сатенски панталони од Жан Пол Готје, со портокалови черепи насекаде по нив. Ги купив во Париз, за време на моето прво патување таму со родителите. Мајка ми беше многу лута кога ја виде сметката, но јас сè уште ги имам. Инаку, совет што посебно го паметам е од татко ми. Тој ми кажа дека е многу важно секогаш работата да ја правам најдобро што можам, дури и ако е здодевна. Ако си апсолутно најдобар во тоа, ќе направиш да биде интересна. Кога бев асистент кај Винтур и тоа седум години, постојано го имав ова на ум. Лесно е да се заситиш или да ти здодее нешто, но ако нависитна се сконцентрираш на работата и тоа добро да ја завршиш, на крајот ќе се исплати – вели стилистката.
#2 Петра Фланери
Клиенти: Ема Стоун, Ејми Адамс, Рис Витерспун, Зои Салдана, Дејси Ридли, Ендрју Гарфилд
Минатата година Петра се најде на врвот на листата, а годинава стајлинзите што ги правеше за Стоун и Адамс за Оскарите, како и ЗЛатните глобуси, ѝ го донесе второто место. Секоја од дамите погоре напишани, оваа сезона доби позитивни критики, што автоматски се одрази и на успехот на Фланери. Таа е во модната индустрија преку 10 години. Кариерата ја започнува во агенцијата за моделинг „Elite Modeling“, каде била задолжена за презентација на манекенките и модњелите. Оттаму влече и бројни бизнис релации, што подоцна ќе ѝ бидат добредојдени.
-Јас сум голем обожавател на модата. Го почитувам многу креативниот процес. Во последниве 10 години, модната индустрија се смени многу. Процесот порано беше – прво се оди на писта, потоа во продажба, а потоа достапност за едиторијали. Сега, црвениот килим е на средина од сето тоа. А едното го потпомага другото. Ако парчето на црвениот килим добие внимание и стане препознатливо, тогаш и продажбата ќе се зголеми. Има многу млади луѓе што не знаат баш за минатото, сè е фокусирано на тоа што е сега и на следбениците. Луѓето што се „надвор" можеби се попрепознатливи, но јас сум ОК со тоа – ќе каже стилистката – вели Фланери.
Сака да носи високи потпетици, а нејзиниот стил е скромен и речиси минималистички. Она без што не може е „Луј Витон“ куферот со нејзини иницијали и таблата на која закачува сè што не сака да заборави – идеја за стајлинг, покана, рецепт, работи што ја инспирираат или што ѝ се потребни.
Колку што е во модната сцена, толку се грижи и за стилот на Ема Стоун, за кој ќе каже дека станува сè позабавен.
-Созреваме заедно. Сега има многу повеќе забава и боја во нејзините комбинации. А сите познати ѕвезди кога ги облекувам им велам дека нагласувањето на силуетата на вистински начин е клучна – објаснува Петра.
#1 Карла Велч
Клиенти: Рут Нега, Рара Паулсон, Америка Ферера, Карли Клос, Лорди, Џастин Бибер, Пинк
Пред само година дена никој и не знаеше за Рут Нега, но номинацијата за Оскар и појавувањето на црвениот килим ѝ донесоа голема популарност – и неа, но и на нејзината стилистка Карла Велч.
На листата на „Вог", Карла освои прво место за сите три црвени килима – „Еми", „Златен глобус" и „Оскари", покажувајќи различен пристап кај секој од клиентите. Токму тоа ѝ го донесе и ова прво место.
Инаку, Карла е едната половина од дутото „Кемал + Карла", студио на стилисти што го основаа во Канада.
-Доаѓам од семејство кое е многу блиско, бевме четири деца. И да бидам искрена, не бевме некое супер-креативно семејство. Моите родители се неверојатно трудољубиви работници, па тие ми ја формираа работната етика. Многу често сонува дење, бев најмладата од четирите деца. Работев со татко ми во неговиот бутик за машка облека. Од 10-та година ја чистев продавницата, купував намирници и работев внатре. Работев и во ресторан во Ванкувер, каде и го запознав сопругот. А тој имаше снимање таму. И оттаму веќе започна мојата кариера како стилист. Мојот прв црвен килим беше стајлингот за Алексис Бледел – раскажува Велеч.
Во нејзиниот плакар има многу џинс, панталони и кошули. Но и неколку парчиња со принт.
-За некој со јасни и конкретни бои, имам многу парчиња со принт. Сепак, мислам дека животинскиот одговара за секогаш и секаде. Само да се комбинира на вистински начин. Исто така, сакам рамни чевли, иако во гардероберот имам и некои на висока потпетица – вели стилистката.