Во Лос Анџелес вчеравечер се одржа 68-то издание на телевизиските „Еми“ награди. Вас што ве интересираат наградените, а и што сте обожаватели на „Game of Thrones“, веројатно ќе ве израдува информацијата дека оваа серија влезе во историјата.

Имено, „Game of Thrones“ е најдобрата драмска серија втора година по ред. Покрај оваа, освои уште 12 награди, а заедно со наградите во техничките категории доделени минатиот викенд, освои вкупно 38 „Еми“ награди, со што стана серија со најмногу освоени награди некогаш. Досега тоа беше серијата „Фрејзер“ со 37 „Еми“ награди.

Меѓу останатите наградени беше и серијата „Veep“, која повторно ја освои наградата за најдобра комедија, а Џулија Луис Драјфус која ја толкува главната улога е наградена со рекордното шесто „Еми“ за најдобра актерка во комедија.

Таа ја искористи приликата да прозборува и за актуелната политичка сцена, особено за републиканскиот кандидат за претседател, Доналд Трамп и неговото ветување дека ќе изгради ѕид на границата со Мексико.

-Би сакала да ја искористам оваа можност лично да се извинам за моменталната политичка клима. Мислам дека „Veep“го сруши ѕидот помеѓу комедијата и политиката. Нашата серија започна како политичка сатира, но сега изгледа повеќе како трезвен документарец – изјави актерката.

Во оваа категорија, најдобар актер е Џефри Тембор од „Transparent“, кој упати порака до Холивуд повеќе да вработува трансексуални личности.

-Сакам да сум последниот актер кој не е трансексуалец, а толкува таква улога – порача тој.

Изненадување годинава се добитниците за најдобра улога во драмска серија. Реми Малек и Татјана Маслани се наградените во лутата конкуренција, за улогите во сериите „Mr. Robot“, односно „Orphan Black“.

„The People vs O.J.Simpson“ освои пет „Еми“ награди.

Комплетната листа на наградени и номинирани можете да ја видите тука.

Домаќин беше Џими Кимел, но неговото шоу за момент го украде Мет Дејмон, јадејќи јаболка на сцената и тешејќи го водителот.

А вас што ве интересира црвениот килим, модните стручњаци го оценија како речиси беспрекорен.

Изобилуваа цветни принтови и светкави ткаенини. Ден по гламурозната манифестација сите зборуваат за изгледот на Кристен Бел која блесна во креација на Зухаир Мурад.

Кристен Бел

Ништо помалку медиумско внимание не доби ниту Пријанка Чопра, која носеше црвена тоалета со потпис на Џејсон Ву. Многумина коментираа дека нејзиното појавување потсетува на она на Лупита Нјонго, која носеше зелен фустан од „Гучи“ на минатогодишниот Кански фестивал.

Пријанка Чопра

Меѓу најдобро облечените се и Емили Ратајковски и Оливија Кулпо кои одбраа креации на Зак Посен, Тараџи Хенсон во Александар Ванг, Ејбигел Спенсер во фустан на Џени Пекам...

Емилија Ратајковски

Оливија Кулпо

 На листата на оние што потфрлија се најде повторно Хајди Клум, која носеше провокативен фустан од Мајкл Корс. Многумина коментираат дека моделката знае да ги одбере најлошите фустани од најдобрите дизајнери.

Хајди Клум

Софија Вергара одбра повторно фустан во сирена-крој од модната куќа „Версаче“. Иако фустанот сам по себе е прекрасен, истото издание на атрактивната актерка на вакви гламурозни настани е веќе здодевно.

Софија Вергара

Во галеријата погоре погледнете како изгледаше модното шоу на црвениот килим и кажете ни кој е вашиот фаворит на годинешното издание на „Еми“ наградите?

Објавено:
19 септември 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.897 пати