Лос Анџелес вчеравечер беше местото каде се собраа најголемите ѕвезди во Холивуд на еден од омилените настани во годината – наградите Еми.

Омилените девојки како Зендаја, Ким Кардашијан, Емилија Кларк и Менди Мур дефинитивно ги предводеа најдобро облечените на виолетовиот килим во Мајкрософт Театарот во Лос Анџелес.

Прекрасната Зендаја која навикнавме да ја гледаме во стилски комбинации, повторно го одвлече сето внимание во темно зелен секси фустан од ресортот на Вера Ванг, а подеднакво шармантна беше и актерката Менди Мур која беше уште една од дамите кои одбраа црвено – розова комбинација.

Иако впечатлива, комбинацијата од ПВЦ ролка и гламурозна цветна креација на Кендал Џенер се чини дека беше премногу, но сепак, модните критичари го пофалија и издвоија нејзиниот изглед како еден од подобрите.

Како и секогаш, вистинска убавица во розово беше актерката Кетрин Зета Џонс која на настанот пристигна со нејзиниот сопруг Мајкл Даглас.

Фантастична во темно сина креација беше и миленичката на публиката Емилија Кларк која впечатливиот фустан со длабоко деколте го комбинираше со раскошни обетки, нежна шминка и долга коса со која не сме навикнати да ја гледаме.

Откако ви ги посочивме најдобрите, време е да ги издвоиме и најлошо облечените ѕвезди на вчерашниот виолетов килим на доделувањето на Еми наградите.

Дефинитивно, на прво место се искачи актерката ѕвезда од серијата „Игра на престоли“ Гвендолин Кристи која на церемонијата дојде во бизарна креација на Гучи, а впечатливите златни обетки дополнително го уништија нејзиниот изглед.

Во жолта креација составена од елече и асиметрично здолниште од тул се појави и една од актерките на Big Little Lies, Кетрин Њутон која иако прекрасна, дефинитивно не ја одбрала вистинската комбинација за вечерта.

Во нешто налик црна креација со многу непотребни моменти се појави и шармантната Ејми Адамс која инаку знае да одбере супер стилски комбинации, но овој готски фустан дефинитивно не ѝ прилегаше.

Настрана стајлинзите, вечерта им беше посветена на телевизиските достигнувања изминатава година, па така Фиби Волер Бриџ си замина дома со најмногу награди, односно три за нејзината исклучителна серија Fleabag која таа ја создаде, ја напиша и глуми во истата.

Одличната и ексцентрична Џоди Комер си замина дома со наградата за најдобра актерка во драма серија за нејзината улога во Killing Eve, Бен Вишоу ја доби наградата за најдобра споредна машка улога за A Very English Scandal, а очекувано, Game of Thrones по трети пат ја освои наградата за најдобра серија.

Очекувано и заслужено, ултра популарната серија Chernobyl ја освои наградата во категоријата Најдобра лимитирана серија, додека актерот Питер Динклиџ беше прогласен за најдобар спореден актер за неговата одлична улога во Game of Thrones.


Сите победници на годинешните Еми награди можете да ги погледнете на следниов линк

Инфо и фото: Daily Mail

Објавено:
23 септември 2019
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
13.308 пати