Еми награди 2014: Дамите во црвено го преплавија Лос Анџелес!

26 август 2014

Холивудските дами вчеравечер го обоија фантастичниот Нокиа Театар во Лос Анџелес целосно во црвено! На 66 – тото издание на доделувањето на Еми наградите преовладуваа црвените тоалети кои што апсолутно се соединија со фамозниот црвен килим.

И додека Еми наградите секоја година се организираат за да им се даде одредено признание на најуспешните во светот на телевизијата, модата дефинитивно е многу повеќе од тоа. Како и секоја година, така и оваа, на црвениот килим се појавија некои од најпознатите актери во своите најдобри или помалку добри изданија.

Се чини, оваа година имаше повеќе промашувања отколку модни погодоци. Она што е дефинитивно сигурно, е тоа дека холивудските убавици ја најавија црвената боја како боја за претстојната сезона. Веднаш зад црвените тоалети, како највпечатливи се издвојуваа сините за кои исто така, се одлучија голем број актерки.

За среќа, имаше и доволен број тоалети во неутрални нијанси кои што на моменти го смируваа блесокот од црвениот и синиот сатен што без сомневање преовладуваше на синоќешното доделување на наградите.

Кога говориме за црвените тоалети, на чело на малкуте добро облечени холивудски дами дефинитивно се искачи прекрасната Хајди Клум која се одлучи за едноставна долга тоалета со смирени карнери во пределот кај рамената, креација на Зак Посен. Тоалетата таа ја комбинираше со брановидна фризура во комбинација со минималистички накит и совршени сандали.

Сосема спротивно од неа пак, изгледаше актерката Кристина Хендрикс која што дефинитивно уште еднаш покажа дека баш и не е фан на добриот стил, кога се појави во сатенска тоалета во јака црвена боја на Маркеза со апсолутно непотребни златни везови на истата и впечатлив златен накит и клач чантичка.

Christina Hendricks -Marchesa Christina Hendricks -Marchesa

Кога говориме за модните промашувања на вчерашното доделување на Еми наградите, не смееме да ја заобиколиме ниту актерката Лена Данам позната по серијата „Девојки“ на HBO, која направи уште едно модно промашување кога се појави во дводелна креација на Џамбатиста Вали. Истата беше составена од кошула со куси ракави во виолетова боја во комбинација со омбре здолниште што дефинитивно беше преголемо за неа и воопшто не и прилегаше.

Lena Dunham -Giambattista Valli Lena Dunham -Giambattista Valli

На врвот на најлошо облечени ѕвезди вчеравечер, дефинитивно мора да ја сместиме и актерката Сара Полсон која на доделувањето се појави во креација на Армани Прајв во црна боја со премногу црвени точки и тул што дефинитивно го одземаше вниманието на многумина.

Sarah Paulson - Armani Prive Sarah Paulson - Armani Prive

Вистинска кралица на црвениот килим беше секогаш прекрасната Џулија Робертс која во вистинска смисла на зборот блесна во совршена креација во темно сина боја од ресортот на големиот Ели Сааб. Во комбинација со едноставни високи потпетици и минималистичка фризура и шминка, таа уште еднаш докажа дека оправдано го носи епитот на една од најубавите жени во светот.

Julia Roberts  - Elie Saab Julia Roberts - Elie Saab

Во интересна и помалку футуристичка креација се појави и Гвен Стефани која овојпат се одлучи за дводелна комбинација од Ателје Версаче целосно покриена со Сваровски кристали, за која мораме да признаеме дека одлично и прилегаше.

Gwen Stefani - Versace Gwen Stefani - Versace

Кога повторно говориме за модните погодоци на годинешното доделување на Еми наградите, не можеме да ја заобиколиме ниту прекрасната манекенка и сопруга на Адам Левин, Бехати Принсло која изгледаше неверојатно слатко во изборот на Прада. Подеднакво прекрасна беше и Камила Алвес, сопругата на Метју Меконахи, која со нејзината креација од Зухаир Мурад во комбинација со секогаш широката насмевка, изгледаше како девојка од милион долари.

Adam Levine & Behati Prinsloo vo Prada Adam Levine & Behati Prinsloo vo Prada

Апсолутно не смееме да ја заборавиме и комбинацијата на секогаш уникатната Робин Рајт која и овојпат се појави во помалку андрогено издание, носејќи секси бел костим со целосно отворен грб што и прилегаше едноставно совршено!

Robin Wright - Ralph Lauren Robin Wright - Ralph Lauren

Во редот на најдобро облечени дами можеме да ја издвоиме и малата и слатка Хајден Панатиер која блесна со нејзиниот фустан од колекцијата на Лорена Сарбу, а за што и помогна и нејзиното трудничко стомаче. На црвениот килим, додека таа видно возбудена говореше за нејзината бременост, сосема случајно посочи дека чека девојче!

Hayden Panatiere Hayden Panatiere

Доколку не успеавте да го погледнете годинешното доделување на Еми наградите, ние во продолжение, покрај целосната галерија фустани, ви откриваме и кои се најголемите добитници на наградите што толку долго ги чекавме!

Како што и се очекуваше, неверојатната серија Breaking Bad, една од најдобрите во историјата, како и нејзините актери, ги однесоа сите награди. На вчерашното доделување на наградите, имаше и неверојатно емотивен момент кога од организацијата подготвија специјален прилог за неодамна починатиот актер - крал на комедијата, Робин Вилијамс.

Најдобра драма – серија: Breaking Bad

Најдобра серија – комедија: Modern Family

Најдобар актер во драма серија: Брајан Кренстон, Breaking Bad

Најдобра актерка во драма серија: Џуијана Маргилес, The Good Wife

Најдобар актер во комедија: Џим Парсонс, The Big Bang Theory

Најдобра актерка во комедија: Џулија Луис Драјфус, Veep

Најдобра мини – серија: Fargo

Најдобар ТВ филм: The Normal Heart

Најдобро сценарио: Breaking Bad

Најдобра режија: True detective

Најдобро сценарио: Louie

Објавено:
26 август 2014
Категорија: 
Сцена