Фаусто Пуљизи – иноватор кој ја заслужи привилегијата да биде дел од модниот свет

4 ноември 2014

Фаусто Пуљизи Фаусто Пуљизи

Фаусто Пуљизи уште како млад ја имаше привилегијата да ја вкуси модната магија. Многу рано создаде етикета со своето име и со голема решителност и неприкосновен талент,  успеа да ги освои срцата не само на познатите туку и на голем број дизајнери и модни куќи.

„Животот треба да го живеете во целина, во сите негови можни варијации, трансформации, турбуленции и нијанси. Да се биде слободен значи да правиш што сакаш“ – Фаусто Пуљизи.

Мадона во легендарниот капут на Пуљизи Мадона во легендарниот капут на Пуљизи

Овие зборови најдобро го отсликуваат духот на овој млад дизајнер. Роден 1976 година во Сицилија, мошне млад се сели во Њујорк, а подоцна и во Лос Анџелес. Првите чекори во светот на модата, дизајнерот почнува да ги прави во странство, благодарение на неговата страст кон уметноста и шармот на модната магија што ги носи од своите италијански корени. Неговото творештво го забележуваат младите стилисти и фотографи, а остварените контакти и оригиналниот печат му носат соработка со Пети Вилсон. На овој начин почнува за прв пат да ги продава своите дизајнерски креации под етикетата Maxfield. Но, одлучувачки е состанокот со Ариана Филипс, стилистката на поп кралицата Мадона – настан кој ќе го лансира директно кон ѕвездите.

Коко Роша со Фаусто Пуљизи на Мет Гала во 2013 Коко Роша со Фаусто Пуљизи на Мет Гала во 2013

Познатиот модел на црн капут декориран со крзно околу вратот, стана втора кожа на пејачката Мадона кој го носеше на неколку јавни настапи, вклучително и на MTV- Музичките награди. По успехот во Америка, дизајнерот реши да се врати во Италија и да започне производство на својата прва колекција. Признанието во Америка не му е гаранција во родната Италија и затоа почетокот дома е мошне тежок за Пуљизи. Затворените врати му помагаат да ги отвори, двајца негови пријатели и сограѓани кои веќе се признати во рамките на модниот свет, двоецот Доменико Долче и Стефано Габана кои се фасцинирани од неговиот начин на работа. Двајцата дизајнери одлучуваат токму креациите на Пуљизи да се најдат во нивната продавница „Спига 2“ во Милано,  посветена на младите и надежни дизајнери.

Благодарение на претставувањето во Милано, дизајнерот успева да создаде бренд кој го носи неговото име и да наметне нова стилска насока во светот на дамите, која се карактеризира со минимализам, енергичност и провокативност. Според модните критичари Пуљизи важи за еден од ретките дизајнери коj во себе го носи идеалот на убавината и знае  да го преточи во соодветна креација. Истиот талент кој го имал и големиот Џани Версаче, затоа многупати, овој дизајнер го споредуваат со култниот Версаче.

Фаусто Пуљизи Фаусто Пуљизи

„Богатата мешавина на мириси, архитектура, пејсажи и воопшто животот во мојата родна Сицилија, сакам да го преливам со грчката и римската култура, со мистериозноста на жената и нејзината сензуалност, за кога таа ќе зачекори сите да можат да препознаат дека тоа е моја креација, а таа дама da знае како да ја износи и тоа да ја направо посебна и привлечна“, вели во едно свое интервју Фаусто Пуљизи.

Рашида Џонс во креација на Пуљизи Рашида Џонс во креација на Пуљизи

Материјалите што тој ги користи во дизајнирањето на своите креации се свила, памук и сатен, а од принтовите најмногу сака да игра со колор – блок варијантите, лелеавоста, металик дезените и кристалите кои создаваат 3Д- ефекти. 2013-та година се смета за година на неговиот пробив и година кога постигнува најголем успех на професионален план. Имено, тој беше назначен и за уметнички директор на модната куќа Унгаро, а својот прв деби настап го имаше на модната писта во Париз во март 2013 година.

Пролет - лето 2015 Пролет - лето 2015

За успешно да ја реализира новата колекција на Емануел Унгаро, тој почнува да ги трансформира креациите почнувајќи од деталите, давајќи им модерен шмек и изглед. Првата колекција е главно е олицетворение на геометриските кроеви и сексапилниот изглед, креирана врз основа на еден парадокс – да се отстрани се што е вишок, а притоа истото да не се замени, туку да се сведе на минимум целата визија.

Во октомври 2013-тата г настапува прв пат под своето име во Милано со колекција која е инспирирана од филмската култура и американската телевизија од седумдесеттите во комбинација со Сицилија и вековната традиција, култура и бои што островот ги носи како белег во својата историја.

Пролет - лето 2014 Пролет - лето 2014

Денес, Фаусто Пуљизи е еден од најпопуларните млади италијански дизајнери во светот. Дека е возможно да се издвоиш од толпата и да победиш доказ е неговиот комплициран багаж, кој благодарение на неговата решителност, страст и желба стана реалност. Пуљизи успеа да ја раскаже својата приказна и емоции преку создавањето облека и со тоа заслужи засебно поглавје во модната историја.

 

Објавено:
4 ноември 2014
Категорија: 
Сцена