Преносот од црвениот килим заврши, а ние ги сумираме првите впечатоци. За разлика од претходните години, можеме да кажеме дека тантелата е веќе „аут“, како и принтовите, бидејќи на ова 92. издание доминираа еднобојните креации и минималистичкиот пристап.

Секако тоа не значи дека беа помалку впечатливи. 

Пример за тоа е Рене Зелвегер, која носеше елегантна креација на Armani Prive од светкава ткаенинна, која ја следи линијата на телото, а во горниот дел е асиметрична, односно има само еден ракав.

Спротивно од неа, Шарлиз Терон и Марго Роби, ѕвездите на филмот „Тие се бомби“ се одлучија за црни креации. 

 

Покрај белите креации, доминираа и оние во црвени односно розови. 

Една од највпечатливите креации што ги видовме на црвениот килим е онаа што ја носеше Срша Ронан, а ја потпишува „Гучи“. Се работи за колор-блок креација со впечатлив карнер во делот на половината.

 

„Гучи“ секако беше и изборот на Селма Хаек, но далеку поблед (иако подобар од некои претходни изданија) од оној на Срша.

Со необични дизајни се истакнаа и Кристен Виг во „Валентино“ и Жанел Моне која носеше фустан со качулка, на Ралф Лорен, покриена со кристали.

 

 

Грета Гервиг направи интересен избор со бојата, одбирајќи креација на „Диор“ во зелена, поточно маслинеста нијанса. 

Ребел Вилсон ги изненади сите со гламур како во „стариот Холивуд“, носејќи златна светкава креација на Џејсон Ву, во комбинација со брановидна фризура и црвен кармин.

Гал Гадот исто така одбра интересна комбинација која ја потпишува „Живанши“, а се состои од плисирано волуменозно здолниште и блуза од тенка тантела.

А кога сме кај тантелата и волуменозноста, веруваме дека актерката Сандра О ги изненади сите одбирајќи креација на Ели Сааб, која токму се истакна поради волуменозните ракави и елементите од тантела.

За разлика од други години, не можеме да кажеме дека има катастрофални модни изданија, но исто така, ова 92-ра манифестација не понуди ниту креација или стајлинг за кој би зборувале и години подоцна.

Како беа дотерани останатите, погледнете во галеријата погоре.

Кој е вашиот фаворит?

 

Објавено:
10 февруари 2020
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
17.639 пати