(ФОТО) „Тешко мене со тебе“: Гламурозна промоција на дуетот на Филип и Лила

17 јуни 2021

Во романтичниот амбиент на „Ми каса“, вчеравечер се случи промоцијата на песната „Тешко мене со тебе“, дует на младиот пејач Филип Пешевски и Лила Стојановска.

Со добро расположение, елегантен дрес-код, кој речиси сите од гостите го испочитуваа, носејќи црна облека и тактовите на новата песна, домаќините се обидоа да им овозможат на посетителите вечер што ќе ја паметат.

Повеќeто од присутните коментираа дека одамна не присуствувале на промоција на песна, на настан кој ќе направи да се почувствувате убаво од секој аспект.

А кога сме кај убавата естетика, Лила вчера изгледаше гламурозно и секси во креација на Елена Лука. Горниот дел е корсет, изработен од префинета транспарентна тантела, која доминира и во долниот дел на фустанот. Под нежната уникатна тантела, има мини здолниште, што уште повеќе придонесува за секси изгледот на оваа позната дама.

Инаку, модната куќа се погрижи за нејзиниот изглед и во спотот.

„Ова ми е еден од омилените нови фустани на Елена Лука. Романтичен фустан „ала“ Моника Белучи. Истиот фустан го носам и во спотот, но бидејќи не се гледа доволно добро, мој избор беше да го одберам и за вечерва, бидејќи сметам дека е од оние креации кои заслужуваат внимание и третман, иако од модната куќа беа расположени да направат уште една нова креација посебно за оваа пригода“, вели Лила.

За тоа како течеле подготовките за спотот и за улогата на Елена Лука да придонесе оваа музичка видео-приказна да биде интересна и впечатлива и од моден аспект, ќе рече:

„Ние толку години соработуваме и веќе со поглед се разбираме. Така што и подготовките одеа лесно. Седнавме, ги разгледавме сцените и за секоја сцена беше направен соодветен стајлинг - од црниот мини фустан со долги ракави, преку боди комбинацијата, па до црниот фустан од тантела и овој што го носам вечерва. Како вистински, безкомпромисни професионалци, направија сосема нови креации кои совршено се вклопија во приказната.“, објасни Лила.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by (@filippeshevski_)

 

Во однос на соработката со Филип и зошто одбрала да соработува токму со него, вели:

„Затоа што е скромно и добро момче. Ние се запознавме благодарение на Зоки-Фаци и ми се допадна неговата енергија и талентот. Тој е авторот на музиката и текстот и едноставно одлучив дека сакам да му помогнам со мојата медиумска застапеност. Не е поентата да станам пејачка, како што знаат да речат, затоа вокално се појавувам само во рефренот, но сметам дека Филип заслужува многу поголемо внимание од она што го добивал до сега, ја послушав мојата интуиција и одлучив дека ќе ја прифатам понудата“.

И Филип е задоволен и од сработеното и од вчерашниот настан.

„Сметам дека се' помина во најдобар ред. Многу внимававме на тоа да се почитува протоколот за заштита од Ковид-19. Се потрудивме да изгледа светски и да ги поттикнеме музичарите од домашната сцена да дадат повеќе внимание на она што го работат. Благодарен сум на целата екипа која работеше на овој проект, да го наречеме. Не случајно е Лила избрана да се најде во оваа наша приказна. Ова е шоу-бизнис и очекувам секакви коментари за песната и спотот. Замислено е да биде скопска приказна, за дечко кој сака да ја има најпознатата жена во градот. Песната е летна, супер и за клупска изведба и се надевам дека ќе заживее“, ни изјави младиот пејач.

Инаку, тој досега има објавено неколку песни, често се потпишува како автор на музиката, а два пати и како автор на текст. Вложувал вели, многу и во досегашните проекти, создавајќи музика со врвни музичари од домашната сцена, квалитетни композиции.

„Но, за жал тој мој труд не се исплатеше онака како што замислував. Луѓето како се' помалку да вреднуваат таква музика, сакаат се' што се памети уште на прва - смета Пешевски.

Инаку, за аранжманот на „Тешко мене со тебе“ се погрижи Роберт Билбилов, додека продуцент на целиот проект е Зоран Василевски.

Во наредниот период, Филип ќе го гледаме во рамки на нов проект со неговата група „Арија“.

„Ќе започнеме проект насловен како „Celebrate music“, кој ќе опфаќа повеќе жанрови и со кој навистина сакаме да ја славиме и музиката и животот. А после тоа следуваат уште две нови песни, така што периодов што следи ќе слушате уште многу музика од мене“, најави Филип.

Во продолжение погледнете уште неколку фотографии од вчерашната промоција, а секако претходно слушнете ја песната, доколку се' уште не сте го сториле тоа:

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Mi Casa (@micasaskopje)

 

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Rolla Do Bolla (@rolladobolla)

Објавено:
17 јуни 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
23.842 пати