Гламурозната венчавка на Џорџ Клуни и Амал Аламудин во Венеција

29 септември 2014

Поради својот шарм, богатата култура, традицијата, мелодиите, убавата храна и неверојатното секојдневие Италија е се почеста дестинација каде славните личности одлучуваат да го кажат судбоносното „Да“. Токму изминатиов викенд, Венеција градот кој сјае под куполата на црквата Сан Марко, градот каде гондолите поминувајќи низ „Мостот на воздишките“ ги раскажуваат најубавите љубовни приказни и градот каде карневалот живее во текот на целата година беше избор на дестинација каде најпосакуваниот ерген на планетата, актерот Џорџ Клуни реши да ја круниса својата љубовна врска со  прекрасната Амал Аламудин.

Уште во раните утрински часови, Венеција беше разбранувана не само од руморењето на туристите кои се желни за фотографирање и љубопитно ја разгледуваат архитектурата, туку и од пристигнувањето на армијата ферибродови кои величествено ги носеа ѕвездените гости низ големиот канал кои како црвен килим елегантно дефилираа ѕвездените гости кои дојдоа да бидат дел од свечената свадбена церемонија на Џорџ и Амал. Големата свадба се одржа во палатата Пападополи – најлуксузниот хотел со седум ѕвезди.

Според информациите кои ги пласираа италијанските медиуми, на свадбата биле испочитувани традиционалните обичаи, бидејќи тоа било желба на родителите на Амал. Сè уште останува мистерија изгледот на невестинскиот фустан што го носеше Амал за време на церемонијата. Невестата, како и Кејт Мидлтон, одлучи венчаницата да и ја креира Сара Бартон која е креативна директорка на Александар Меквин. Ексклузивните фотографии од невестинскиот фустан се во рацете на американското издание на списанието Vogue. Само да напоменеме дека денот пред венчавката Аламудин се појави во црна долга тоалета со апликација на црвени цветови, а на денот после венчавката носеше бел коктел фустан во принцес крој повторно со цветна апликација, дело на Џамбатиста Вали.

Младоженецот остана доследен на својот стил, како што впрочем и се очекуваше. Имено, Џорџ Клуни на свадбата носеше костим потпишан од легендарниот Џорџо Армани.

Официјалното „Да“ се случило околу 20.45 и било проследено со долг аплауз. Потоа следувала вечера чие мени е спој на либанска и италијанска храна и специјалитети направени од најдобрите шеф мајстори. Плеј листата на песни кои се свиреле на манифестацијата биле избрани од страна на Џорџ и Амал и вклучуваат музички нумери од Ејми Вајнхаус, Дафт Панк,Блонди, Мајкл Џексон како легендарните музички арии на Андреа Бочели. Целта на младоженците била да ги задоволат сите вкусови и гостите убаво да се забавуваат затоа и музичката листа вклучува различни правци, изведувачи и временски рамки.

Стотина гости имаа можност да бидат дел од гламурозната венчавка на Клуни и Аламудин, меѓу нив Синди Крафорд, Ана Винтур, Бил Мареј, Мет Дејмон, Емили Блант и многу други. Во продолжение погледнете ја богата галерија фотографии и уживајте.

Објавено:
29 септември 2014
Категорија: 
Сцена