„Голден карпет“ - наскоро нов телевизиски формат од забавен карактер

2 април 2021

Во првата половина од месец април поточно на 11 (недела) ќе започне со емитување новата емисија на Канал 5 телевизија која ќе го носи името „Голден Карпет". Акцентот на овој телевизиски формат ќе биде ставен на домашната, но и на балканската и светска музичка сцена.

Освен најпознатите музички имиња, ќе гостуваат и најпопуларните политичари, спортисти и актери, кои дефинитивно ќе ги запознаете од еден друг агол од нивниот живот.

Водителски тандем на овој проект ќе бидат Миро Кацаров и Ведрана Ѓорѓевиќ, добро познати телевизиски имиња кои после долги години работа на други проекти конечно ќе ги здружат силите и ќе бидат домаќини во „Голден Карпет".

Ведрана Ѓорѓевиќ, после подолга медиумска пауза повторно се враќа пред ТВ - екраните, што вели посебно ја радува.

-Со Миро правиме одлична приказна, целта е да внесеме малце сонце во ова сивило и да излеземе од секојдневното заточеништво. Кога ми се јави Миро да правиме нешто заеднички знаев дека е вистинско време да се вратам на ТВ после 5 години, сите коцки природно се поклопија и универзумот се согласи. Очекувајте само позитива ништо помалку од нас, и многу интересна содржина. Животот е прекрасен, па зошто да не го живееме така... -  порачува Ведрана.

За нејзиниот изглед во емисиите, како и најавните фотографии се погрижи домашниот бренд Елена Лука, со која водителката соработува веќе подолго време, а која последниве месеци е дел од онлајн емисиите на платформата Sweet40+, во организација токму на Елена Лука.

Од модната куќа уште еднаш покажаа како на вистински начин можат да се спојат  елеганцијата, женственоста и сексапилот, останувајќи доследни на својата препознатливост, а прилагодувајќи се и на личноста и естетиката која Ведрана ја негува, со што ова шоу ќе биде интересно да се следи и од моден аспект.

Имајќи предвид дека последниве две години има зголемено отсуство на настани и емисии од забавен карактер, ќе биде вистинско освежување да се види доза гламур, шоу бизнис и убава модна естетика на тв-екраните.

„На домашната телевизиска сцена недостасува забавна програма од ваков тип. Во моментов за жал живееме во еден хаос, пандемијата со коронавирус си го зема својот данок, се е на стенд бај, па така и социјализацијата и позитивната енергија, но ние преку овој проект ќе се потрудиме истата да ја вратиме во вашите домови затоа што и тоа како ни е потребна на сите. Ветуваме дека ќе имаме само теми од забавен карактер и тврдам дека истите ќе го задржат вашето внимание", рече Миро кој повеќе од седум години беше дел од тимот на „Бекстејџ".

Наскоро ќе бидат објавени и официјалните термини на „Голден Карпет", а она што тимот ви го ветува пред самиот почеток на испишувањето на оваа нова приказна е одлична забава и позитивни вибрации.

Фото: Бојан Стоилковски

Мејк ап: Зоран Шурбевски

Стајлинг - Елена Лука и Сињори

Објавено:
2 април 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
750 пати